ЛГБТ заедницата утре ќе излезе на „Парада на гордоста“ во Скопје

Објавено:

Под слоганот „Сите нека знаат“, ЛГБТ заедницата утре попладне ќе излезе на „Парада на гордоста“ („Скопје прајд“), симболично марширајќи, за, како што соопштија организаторите, „да ѝ се спротивставиме на тишината што ни се сервира како услов за безбедност и лажно прифаќање, на штамата на институциите и политичарите кои не ја препознаваат потребата од унапредување на нашите права и замолчувањето што го добиваме како одговор на нашите барања и протести“.

„На обидите нашето постоење да се релативизира, патологизира или претстави како нешто измислено и „увезено“ – гласно им велиме: тука сме, насекаде околу вас. Ние сме дел од вашето потесно и пошироко семејство и од вашиот круг на пријатели. Ние сме ваши колеги, клиенти, соработници, соседи и познаници. Тука сме, меѓу оние со кои се разминувате на улица или разменувате по некој збор на каса или на шалтер. Ние сме ваши доктори, наставници, угостители, инфлуенсери, продавачи, возачи, забавувачи, доставувачи…“, пишува во информацијата за настанот.

Според организаторите, „Скопје прајд“ е ден на солидарност, меѓусебна почит и грижа, па ги повикуваат сите присутни да придонесат кон таква атмосфера.

Првата Парада на гордоста во Скопје се организираше во 2019 година. Оттогаш, овој настан се одржува традиционално секоја година (со исклучок на 2020 година поради пандемијата) во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.