Обвинителството бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени за проневера на речиси три милиони евра од ФФМ

Објавено:

Јавното обвинителство бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени вчера во истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за проневера на над 180 милиони денари во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Сите 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кои вчера се уапсени, се веќе изведени пред судија на претходна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде што треба да одлучува по барањата на Обвинителството.

Пет лица се недостапни на органите на прогон.

Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кој е второосомничен, е веќе во притвор за друго дело за кое се сомничи и беше уапсен во април годинава.

Јавниот обвинител Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – ОЈО ГОКК денеска ја оцени вчерашната акција како успешна додавајќи дека петмина од лицата што требало да се приведат не успеале да ги најдат во нивните домови.

  • „Според информациите со кои располагаме, сметаме дека некои од нив се во блиското опкружување. Сметаме дека многу бргу би можело да се појават пред органите на прогонот и да кажат своја теорија и став во однос на сето ова што се води како истрага“, изјави Азизи.

Јавното обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 18 физички и осум правни лица, меѓу кои и двајцата поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.

Ѓорѓиоски и Сејдини, како прво- и второосомничени, и третоосомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ, се осомничени дека се сторители на кривично дело проневера во службата, а другите осомничени како управители на осомничените правни лица се товарат за помагање на делото проневера во служба, како и по едно кривично дело перење пари и други приноси од кривично дело.

  • „Дејствата се од 2015 до 2019 година, со тоа што прво и второосомничениот како службени лица, претседатели на ФФМ, ипотпишале вкупно 728 платни налози, што им биле доставени од страна на третоосомничената на потпис за реализација, со тоа што преку незаконски платени парични средства за услуги што никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки што никогаш не влегле во ФФМ нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или речиси три милиони евра“, кажа Азизи.

Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка обезбедени се докази дека услугите за кои се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ.

Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.