Излетале од недоградениот автопат Скопје-Блаце, полицијата ги нашла со дрон

Објавено:

Aвтомобил „мерцедес“ со германски регистарски таблички, излетал и се превртел на дел од автопатот Скопје – Блаце кој сè уште е во изградба и е затворен за сообраќај. Тројцата странски државјани загинале во сообраќајната несреќа, констатирал лекар од Итната помош.

Станува збор за две жени и еден маж на возраст од 56 до 60 години кои од скопскиот аеродром патувале кон Косово. Тие пристигнале на 18 јули кога и се случило излетувањето од недоградениот автопат. Нивното исчезнување било пријавено следниот ден во 13 часот, затоа што сопруг на една жените не можел да стапи во контакт со неа.

Полицијата започнала потрага во која биле вклучени дронови и системот „Безбеден град“. За да се лоцира возилото, полициските службеници започнале со детално пребарување и преглед на камерите од системот „Безбеден град“. Откако било утврдено дека автомобилот воопшто не ја напуштил државата преку граничниот премин Блаце, над претпоставената траса на движење бил подигнат и полициски дрон.

Истата вечер, во 22:35 часот, возилото конечно било лоцирано. Станува збор за автомобил „мерцедес“ со германски регистарски таблички, кој излетал и се превртел на дел од автопатот Скопје – Блаце кој сè уште е во изградба и е затворен за сообраќај.

На местото на несреќата бил извршен детален увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на обвинителот, телата на починатите се дадени на обдукција која треба дополнително да ги расветли причините за оваа несреќа.