Министерството за внатрешни работи(MVR) ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка“, соопштија од МВР.
Од таму посочуваат дека СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат ” https://safecountry.mvr.gov.mk…”.
Информираат дека Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.
МВР издаде слично предупредување и во мај, кога полицијата регистрирала измамнички пораки за наплата на сообраќајни прекршоци.
Системот „Безбеден град“ официјално почна да регистрира сообраќајни прекршоци и да испраќа казни до возачите од 1 февруари 2026 година. Претходно, два месеци имаше тест период, во кој само се испраќаа известувања до граѓаните без наплата на казни.
На почеток, системот регистрира четири вида сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација. Надлежните најавија дека оваа листа ќе се проширува.
Системот „Безбеден град“ функционира во три града, а тоа се Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10. Потребната опрема се набавува и поставува и во други градови, а амбициите на МВР се „Безбеден град“ да го има низ цела земја и да стане „Безбедна држава“.
Случаи со измами беа забележани и претходно уште додека траеше пробниот период за функционалноста на системот.



