Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој е осуден на затворска казна, доби одложување на упатниот акт, шо значи дека на 2 јули нема да замине на издржување на затворската казна. Според упатниот акт, тој требаше на 2 јули да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Одлежувањето на затворската казна е на сила по барањето што Јакимовски го поднел на 12 јуни до Основниот суд. Во него тој барал одложување на извршувањето на казната поради здравствената состојба.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека судијата за извршување санкции веднаш започнал проверка на приложената медицинска документација и побарал дополнителни информации од две приватни здравствени установи кои ги издале документите. Бидејќи нивните одговори сè уште не се пристигнати, не е донесена конечна одлука по барањето.
“Според Законот за извршување санкции, судијата има рок од 30 дена да ги провери сите околности и да одлучи по барањето, а до тогаш почетокот на издржувањето на казната се одложува“, велат од судот.
Јакимовски треба да ја издржи правосилната едногодишна затворска казна за бесправно градење, изречена во предметот за изградбата на административната зграда на Општина Карпош. Во казната ќе му биде пресметан и периодот што го помина во куќен притвор во 2019 година, поради што, доколку барањето биде одбиено, во затвор би требало да помине уште околу седум месеци.
Првостепено, Јакимовски беше осуден на вкупно три и пол години затвор – една година за бесправно градење и три години за злоупотреба на службената положба.
Апелацискиот суд ја потврди пресудата за бесправното градење, додека делот што се однесува на злоупотребата го укина и предметот го врати на повторно судење.
По соопштението од Апелација, Јакимовски обвини дека пресудата е политичка одлука за да не може да се кандидира за градоначалник на вонредните избори. Тој на прес-конференција пред бараките за кои е осуден, кажа дека во оваа ситуација е виновен за да биде спречен да се кандидира на повторните избори за градоначалник на Општина Карпош.
Актуелниот градоначалник на Карпош Сотир Лукровски кој беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори лани во октомври, повеќе од еден месец не доаѓа на работа и е на боледување.
„Повеќе од очигледно е дека лицето што беше избрано за градоначалник на Општина Карпош направи нешто што е незапаметено во историјата на Македонија, го напушти своето работно место и му се губи трагот, и сега власта бара чаре како да се справи со евантуалниот пораз во Општина Карпош. Нивниот рејтинг во Карпош е мал, преповолен е бројот на гласови и тоа е основна причина зошто сум виновен’, вели Јакимовски.
Според него контрадикторна е пресудата затоа што дел од предметот негов се враќа на повторно одлучување и судење во првостепениот Основен суд.
„Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине“, додаде тој.


