Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, со која му е изречена казна затвор од една година за кривичното дело бесправно градење. Во казната му се калкулира и 5-месечниот притвор, што значи дека ќе треба да отслужи 7 месеци затворска казна.
Како што соопшти Основниот кривичен суд Скопје, Второстепениот суд, постапувајќи по жалбите на обвинетите и на Јавното обвинителство, донел пресуда со која ја потврдува казната за делото „Бесправно градење“. Во изречената казна ќе му биде пресметан и периодот поминат во куќен притвор, од 19 март до 15 август 2019 година.
Во однос на обвинението за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, жалбата на Јакимовски е уважена и предметот во тој дел е вратен на повторно судење. Според Судот, со оглед дека делото се однесува на периодот од 2011 до 2017 година, а предвидената казна е од три до пет години затвор, постои можност застарувањето да настапи во текот на 2027 година.
Апелациониот суд ја укинал и условната осуда за обвинетиот Т.Ѓ., а предметот и во овој дел е вратен на повторно постапување.
Од Кривичниот суд информираат дека предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи судијата кој досега постапувал повеќе не е дел од Одделот за организиран криминал и корупција. Потврдениот дел од пресудата ќе биде доставен кај судија за извршување санкции.
По соопштението од Апелација, Јакимовски обвини ова е политичка одлука за да не може да се кандидира за градоначалник на вонредните избори. Тој на прес-конференција пред бараките за кои е осуден, кажа дека во оваа ситуација е виновен за да биде спречен да се кандидира на повторните избори за градоначалник на Општина Карпош.
Актуелниот градоначалник на Карпош Сотир Лукровски кој беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори лани во октомври, повеќе од еден месец не доаѓа на работа и е на боледување.
„Повеќе од очигледно е дека лицето што беше избрано за градоначалник на Општина Карпош направи нешто што е незапаметено во историјата на Македонија, го напушти своето работно место и му се губи трагот, и сега власта бара чаре како да се справи со евантуалниот пораз во Општина Карпош. Нивниот рејтинг во Карпош е мал, преповолен е бројот на гласови и тоа е основна причина зошто сум виновен’, вели Јакимовски.
Според него контрадикторна е пресудата затоа што дел од предметот негов се враќа на повторно одлучување и судење во првостепениот Основен суд.
„Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине“, додаде тој.


