Македонија избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединети нации (ЕКОСОК)

Објавено:

Република Северна Македонија денеска е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за мандатниот период 2027–2029 година, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

МНР го оцени изборот како историски успех за македонската дипломатија бидејќи за првпат од независноста, државата ќе биде членка на едно од главните тела на системот на Обединетите нации (ОН).

„Ова е успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба и на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но носи конкретни резултати. Ова е дипломатски успех кој не се мери само со изборот, туку и со довербата што стои зад него“, рече шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.

Министерството соопшти дека на гласањето што се одржало во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, кандидатурата на Република Северна Македонија ја добила поддршката од 174 држави членки на светската организација.

Членството во ЕКОСОК, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе овозможи поактивно учество на државата во глобалните дебати и процеси поврзани со економскиот и социјалниот развој, одржливиот развој, хуманитарните прашања и човековите права, како и дополнително зајакнување на нејзината меѓународна видливост и кредибилитет.

Премиерот Христијан Мицкоски на мрежата Фејсбук напиша дека во изминатиот период Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје. Изборот во ЕКОСОК. според него, „е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо“.

„Нашата цел е Македонија да биде држава која не стои на маргините, туку активно учествува, гради партнерства и придонесува во решавањето на прашањата што се важни за граѓаните и за меѓународната заедница. Овој успех е резултат на работа, доверба и одговорен пристап. Продолжуваме да ја зајакнуваме позицијата на Македонија, да создаваме нови можности и да покажеме дека со сериозна работа нашата држава може да биде почитуван и активен дел од глобалните процеси“, пишува Мицкоски во објавата.