Муцунски најави можен состанок на високо ниво во Софија

Објавено:

Следната недела очекувам со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да бидеме во Софија на регионален настан каде што би се сретнале повторно со нашите колеги и би разговарале, рече Тимчо МУцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, говорејќи за односите со Бугарија, која бара Македонија да направи уставни измени за да ги внесе Бугарите во Уставот, за земјава да го продолжи патот кон членство во Европската Унија (ЕУ).

Во моментов, таква средба не е договорена.

За амандманите во извештајот за Македонија поднесени од бугарски европратеници, во кои се повикуваат владите на Бугарија и Македонија да ја одржат третата меѓувладина комисија со цел спроведување на Договорот за добрососедство и неговите протоколи, Муцунски вели:

„Несомнено треба да водиме дијалог со Бугарија. Но, тоа не е проблемот. Проблемот е што, меѓу другото, Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство. Да го тргнеме настрана прашањето дали договорот е добар или лош. Бугарија во тој договор се има обврзано дека ќе го поттикнува и поддржува нашиот евроинтеграциски пат, а не го прави тоа. Но, доколку ме прашате дали треба да имаме повеќе средби на високо ниво, треба да има. Ние го немаме изборот и луксузот како европска држава, како земја членка на НАТО, да се да се оттргнеме од комуникација со нашите соседи, колку и да биде некогаш тешка таа комуникација“, рече Муцунски одговорајќи на новинарски прашања на настан во Скопје.

Тој кажа дека земјава останува на позицијата оти во моментов нема услови за спроведување на уставните измени. Услови за таквиот чекор, како што рече, може да се создадат врз основа на меѓусебна доверба, која може да се изгради ако на земјава ѝ бидат дадени гаранции од сите земји – членки на ЕУ.

Претходно, и премиерот Христијан Мицкоски рече дека нема цена што може претседател на Владата да го натера да влезе во таква авантура, а во која нема да има извесен крај, како одговор на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта кој на 2 јуни во Скопје изјави мора да се донесат уставни измени за да почнат преговорите за влез во ЕУ. 

„Ние се наоѓаме на истото место каде што се наоѓаме пред 26 години. Од информациите коишто јас ги имам и тоа што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на нашиот источен сосед, мислам дека таму драматично се радикализира состојбата, и не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и тој процес да го изодиме до крај, туку напротив, таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е, нормално, опозицијата кај нас, која, за жал, не бира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет“, рече Мицкоски.

Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година. Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Овој услов дојде откако во 2017 државата постигна Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Односите меѓу две држави се заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.