Со испитување на градежните вештаци во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа над 60 луѓе, а над 200 беа повредени.
Според вештачењето на тимот од Градежниот факултет при УКИМ, предводен од поранешниот декан, проф. д-р Горан Марковски, целосно затаил системот односно сите институции, поединци, стандарди и регулативи.
Тимот вештаци од Градежниот факултет, со жалење констатира дека во дискотеката „Пулс“ во Кочани не била преземена ниту една мерка за противпожарна заштита. Објектот немал ниту еден прописен излез за евакуација, а иако капацитетот според површината изнесувал 363 лица, критичната вечер внатре имало над 600 посетители.
„Објектот немаше каде да дише. Температурата се задржуваше внатре, а одредени мерки само ја мултиплицираа топлината и ја направија атмосферата неподнослива,“ изјави Марковски.
Во анализата на доставените материјали, факултетот утврдил дека бил вграден стрипор – материјал кој е нормално горлив и испушта токсичен чад и капки. Вториот материјал, тервол или стаклена волна, е негорлив и стабилен до 800 °C. Од промената на бојата на материјалот и деформацијата на челичната конструкција, како и стопените стаклени шишиња, експертите заклучиле дека температурата во клубот достигнала најмалку 800 °C.
На прашање од обвинителот Дарко Јакимовски, Марковски нагласи дека причинско-последичните врски се многубројни, но за жал не било утврдено дека е преземена било каква мерка за намалување на ризикот – ниту со материјали, ниту со контрола, документација, лиценцирани фирми или стручен надзор.
Со ова сведочење завршува изведувањето на доказите од Обвинителството. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени – една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.



