До крај го критикуваше Орбан – Кој е новиот претседател на Унгарија?

Објавено:

Парламентот на Унгарија го избра Андраш Бака, поранешен претседател на Врховниот суд, за претседател на земјата.

Тој беше избран на оваа, во голема мера, церемонијална функција со гласовите на владејачката десноцентрична партија Тиса. Пратениците од опозициската партија Фидес претходно соопштија дека нема да учествуваат во гласањето.

Неговиот мандат претставува симболичен чекор во напорите на премиерот Петер Маѓар да ги урне упориштата на моќта на поранешниот премиер Виктор Орбан.

Во говорот по положувањето на заклетвата, Бака ја критикуваше претходната влада, велејќи дека за време на владеењето на Орбан, „една партија ја заробила државата“, различните гранки на власта (судска, извршна и законодавна) не биле одвоени и немало функционален систем на контрола и рамнотежа.

Сепак, тој рече дека задачата за градење нова иднина за Унгарија „бара и правда и самоограничување“ и порача дека улогата на претседателот е да ги претставува граѓаните кои имаат различни ставови.

„Постои едно нешто што сигурно не можеме да го направиме, не можеме да ја изградиме новата Унгарија со одмазда“, рече Бака.

Го победи Орбан во Стразбур, беше тивок противник на комунизмот

Андраш Бака има 73 години и е еден од најпочитуваните адвокати во Унгарија и судија кој ја победи владата на Орбан пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур во спор околу реорганизацијата на судството.

Бака докторирал право во 1978 година, а покрај како судија работел и на разни универзитети, делумно во странство, во областа на споредбеното право.

Од средината на 1980-тите, тој работел на истражувања во областа на спроведувањето на човековите и малцинските права. Во тој период, тоа веќе беше важна тема во Унгарија со оглед дека во соседна Романија, под диктатура на Николае Чаушеску, правата на унгарското малцинство беа сериозно прекршени.

Сепак, Бака не беше отворен противник на комунистичката диктатура. Тој припаѓаше на оние кои работеа на реформи во рамките на системот во релативно отворената Унгарија од 1980-тите.

Од 1988 година, тој се активираше во академските синдикални иницијативи, кои одиграа голема улога во времето на промените во Унгарија. По првите слободни избори, во 1990 година, тој влезе во парламентот како непартиска личност, на листата на конзервативниот Унгарски демократски форум. Од 1991 година, работеше како судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

По два мандати таму, во 2008 се врати во Унгарија и беше избран за претседател на Врховниот суд. Неговата популарност се вивна кога владата на Орбан го отстрани од функцијата во 2011 година, како дел од судската реформа – наводно затоа што претходно критикувал некои од плановите за реформа.

Бака поведе спор во Стразбур, а Европскиот суд за човекови права пресуди дека Унгарија го отстранила поради критикување на владата и оти неговото разрешување им штети на демократските слободи во Унгарија. Орбан, пак, ги негираше наводите во пресудата.

Бака остана критичар на режимот на Орбан до крај, но секогаш ги темелеше своите ставови на правни аргументи односно не беше некој што организираше протести или излегуваше на улиците.

Дали Маѓар гради нов режим?

Во потрагата по личност која ќе биде номинирана за претседател, унгарски премиер Петер Маѓар и парламентарната група на неговата партија Тиса експлицитно нагласија дека не сакаат да ја пополнат функцијата претседател со партиски политичар.

„Во текот на целиот свој живот, Андраш Бака придаваше особено значење на поделбата на властите и постојано се залагал за владеење на правото и независност на судството“, порача Тиса објаснувајќи ја неговата номинација.

Одлуката на владејачката партија Бака да биде иден претседател на Унгарија, дел од медиумите ја протолкуваа како доказ против тврдењата дека новиот унгарски премиер се стреми кон самоволие или гради нова верзија на режимот на Орбан.

Како дојде до избор на нов претседател?

Победата на априлските избори во Унгарија на владејачката Тиса, предводена од Маѓар, стави крај на 16-годишното владеење на Орбан. Тој вети дека ќе ги врати демократските стандарди и ги повика клучните функционери назначени или избрани од партијата на Орбан да поднесат оставка.

Еден од нив беше претходниот претседател Тамаш Шујок, кого Маѓар го нарекуваше „кукла на Орбан“.

Владејачкото мнозинство усвои уставен амандман што Шујок мораше да го потпише и со тоа да си стави предвремен крај на претседателскиот мандат.

Амандманот предвидува дека новиот претседател ќе остане на функцијата додека не стапи во сила новиот Устав, или максимум пет години.

Претседателот се избира со двотретинско мнозинство во парламентот, преку тајно гласање. Доколку првото гласање не успее, се одржува второ со двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови, а тогаш не е потребно двотретинско мнозинство.

Во случај второто гласање исто така да биде неуспешно, се поднесуваат нови номинации и се одржуваат нови избори.