Полицијата приведе жител на скопското село Бојане, на возраст од 19 години, осомничен дека убил 18-годишно момче од истото село на 15 мај во шума во Сарај.
Во полиција пријавил таткото на осомничениот откако неговиот син го признал убиството, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„На 17.5.2026 во 00:50 часот во с. Бојане, Скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Б. (19) од с. Бојане поради основано сомнение за сторено кривични дело убиство по член 123 од Кривичниот законик. Претходно на телефонската линија за итни повици 192 се јавил неговиот татко И.Б. и пријавил дека М.Б. му признал дека на 15.5.2026 во шума во околината на с. Сарај со пиштол го усмртил Б.Д. (18) од Бојане“, соопшти МВР.
Пронајдени се телото на жртвата и пиштолот со кој е извршено убиството.
Јавен обвинител побара краткотраен притвор од 48 часа за осомничениот.


