Најмалку 12 лица загинаа, а 33 се повредени во Киев во масовен руски напад извршен во текот на ноќта, соопшти градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко.
Една жртва има и во околината на главниот град. Според изјавата на шефот на регионалната администрација Тимур Ткаченко, лицето загинало во Броварскиот округ во Киевската област.
Утрешниот ден, 21 август е прогласен за ден на жалост што значи дека сите знамиња на локалните самоуправи во главниот град ќе бидат спуштени на половина копје, а настаните од забавен карактер се откажани.
За нападот се огласи и руското Министерство за одбрана кое во соопштение наведе дека неговите вооружени сили извршиле масовен напад со прецизно оружје врз претпријатија од одбранбената индустрија, транспортно-логистички центар и магацини во Киев и Киевската Област. Според руското Министерство, меѓу целите во Киев бил и индустрискиот објект „Фајр поинт“, каде што се произведувале компоненти за беспилотни летала со долг и среден дострел и се склопувале и складирале делови за крстосувачките ракети „Фламинго“.
Меѓу погодените цели, според руската страна, се и магацинско-производствен комплекс со кој управува „Укрспецсистемс“, монтажен објект од авионската индустрија и претпријатието „Антонов“, каде што се произведуваат беспилотните летала со долг дострел „Ан-196 љутиј“.
Руското Министерство за одбрана, исто така, извести дека извршиле напади врз магацин за муниција во Киев, транспортно-логистичкиот центар Мартусивка, складиште за гориво и мазива во Бровари, како и магацини со воена опрема во пристаништата Черноморск и Пивдени.
Меѓутоа, украинската страна тврди дека биле погодени и цивилни објекти. Во објава на социјалните мрежи, претседателот Володимир Зеленски наведе дека во Киев погодени се и станбени објекти, вклучително и восококатница чии горни катови се оштетени, како и детска болница и училиште.
Зеленски побара и оружје за обрана.
„За жал, додека Москва инвестира во балистички ракети и ескалација, ваквите напади не секогаш добиваат одговор каков што треба од светот. И сè додека Украина нема доволно антибалистичка одбрана, Русија нема сериозно да го сфати мирот. Правиме сè за да обезбедиме таква заштита, а работата на програмата FREYJA продолжува секој ден. Но, пресретнувачите ‘Патриот’ сè уште не можат да се заменат, а ни се потребни секој ден. Секоја дополнителна ракета спасува животи на нашите луѓе“, вели Зеленски.
Украина и Русија продолжуваат со размена на обемни напади со оружје со долг дострел и покрај тековните дипломатски напори за завршување на конфликтот. Последниот бран напади доаѓа во услови на неодамнешна ескалација на воените дејства од двете страни, при што се регистрираат цивилни жртви и во Русија и во Украина.


