Американските вооружени сили извршија нови воздушни напади врз Иран, само неколку часа откако три трговски брода беа нападнати во Ормускиот Tеснец, јавуваат светските новински агенции. Ова е нова ескалација меѓу двете земји, што дополнително го доведува во прашање привремениот договор за прекин на непријателствата.
Според американски официјални претставници, нападите биле насочени кон повеќе воени цели и пристанишни објекти во Иран.
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека нападите биле извршени „со цел да се наметнат сериозни последици поради нападите врз трговски бродови со цивилни екипажи на меѓународен поморски пат“.
Американски претставник изјави дека цел на нападите биле ирански системи за противвоздушна одбрана, системи за крајбрежно набљудување, ракетни системи земја-воздух, како и лансирни позиции за противбродски крстосувачки ракети и беспилотни летала. Меѓу целите биле и ирански пристанишни капацитети.
Друг американски претставник наведе дека операцијата најверојатно ќе трае неколку часа.
Иранските државни медиуми објавија дека се слушнале експлозии во градот Кешм и во пристанишниот град Бандар Абас.
Слична размена на ирански напади врз бродови и американски одмазднички акции имаше и кон крајот на минатиот месец, но дека новите напади се случуваат во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп престојува во Турција на Самитот на НАТО.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека американските напади претставуваат грубо кршење на првата и втората точка од Меморандумот за меѓусебно разбирање потпишан во Исламабад.
„Нападот на САД врз Иран претставува грубо прекршување на точките 1 и 2 од меморандумот за меѓусебно разбирање склучен во Исламабад“, го цитираше иранската агенција Фарс Гарибабади, кој додаде дека САД во последните три недели повеќепати ги прекршиле одредбите од договорот.
Врховната заедничка воена команда на Иран, Централниот штаб „Хатам ал Анбија“, денеска соопшти дека иранските вооружени сили ќе одговорат „разорно“ на американските напади, оценувајќи дека станува збор за „отворена агресија“.
Во соопштението се наведува уште дека Техеран нема да дозволи САД да се мешаат во управувањето со Ормускиот Теснец.
Командата истакна дека единствениот безбеден пловен пат за трговските бродови и нафтените танкери низ Теснината е оној што го определува Иран.
Во меѓувреме, Кувајт соопшти дека изутринава биле активирани неговите системи за ракетна одбрана, а исто така за напади информираа и властите во Бахреин.
Засега нема информации дали има нанесени штети во ниту една од двете земји.


