Објавени локациите за достава на вода за пиење во Гостивар

Објавено:

За жителите на Гостивар, каде што е прогласена епидемија, денеска ќе бидат обезбедени три шлепери со 76 илјади литри вода, во наредните денови количината ќе се зголемува зависно од потребите, а ако треба ќе бидат вклучени и цистерни со вода, информира денеска на прес-конференција Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, кој ги презентраше и локациите каде ќе се дистрибуира водата. 

Томовски уверува дека од првиот момент кога е пријавена состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Владата е во постојана и директна координација со сите надлежни институции и оти внимателно го следи развојот на настаните во секој момент.

„Покрај институционалната одговорност, постапките на надлежните органи, спроведување на сите неопходни контроли и лабораториски анализи, Владата интервентно одлучи за обезбедување на 50 литри питка вода за пиење којашто ќе биде доставена секој ден на граѓаните во Гостивар. Оваа мерка започнува од денес и ќе продолжи во наредните неколку денови со цел да се обезбедат основните потреби на населението, додека траат мерките и препораките на институциите“, најави Томовски.

Тој соопшти дека дистрибуцијата на водата ќе биде на локациите: Водостопанство Гостивар, градинка „Пролет“, Средното економско училиште Гостивар, ЈП Национални шуми – подружница Шар Гостивар, АД ЕСМ подружница кај гаражите, Општа болница Гостивар и територијалната противпожарна единица Гостивар – информира денеска на прес-конференција директорот ан СОЗР Ивица Топомовски.  Доколку има потреба локациите ќе бидат проширувани. 

Дополнително,  водата ќе се доставува директно до градинките и до болницата во Гостивар за да се обезбеди непречено функционирање на овие клучни институции, заштита на најранливите категории, децата и пациентите.

Според Томовски, истовремено, сите надлежни институции продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за целосно утврдување на причините за настанатата ситуација.