Откажана најавената блокада на границата со Бугарија

Објавено:

Откажана е планираната двочасовна мирна блокада на трите гранични премини меѓу Македонија и Бугарија, која беше најавена за в недела на 21 јуни, пренесе Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“, повикувајќи се на известувања од медиумите и организаторите на протестот. Блокадата беше најавена од антимакедонската бугарска Фондација Македонија, поради опожарување на два автомобили на бугарската амбасада во Скопје.

Според соопштението на организаторите, ваквата одлука е донесена по извршените разговори со бугарските институции и дипломатски претставници, со цел да се збегнат непотребни тензии и поголеми застои во патниот и товарниот сообраќај на граничните премини.

Согласно моменталните информации, на 21 јуни сообраќајот меѓу двете земји ќе се одвива непречено и без никакви организирани прекини.

Од „Макам-транс“ им препорачуваат на превозниците и граѓаните да продолжат да ги следат официјалните информации од надлежните институции за евентуални идни промени.

Претходно, и Амбасадата на Бугарија во Скопје повика да не се блокираат граничните премини и патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија.

„Го поддржуваме правото на мирен граѓански протест како фундаментално право во секое вистински демократско општество. Истовремено, најсилно замолуваме да не се предизвикува блокирање на граничните премини или патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија. Интересот на нашата земја налага да бидеме отворени кон нашите југозападни соседи, да го поттикнеме нивното запознавање со современата бугарска култура, да ги промовираме контактите меѓу долго разделени семејства, да ја продлабочиме економската соработка и трговијата. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата. Само така ќе ги потсетиме нашите соседи колку сме блиски и кои се придобивките не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, се наведува во изјавата.

Според Амбасадата, изразувањето на незадоволството и загриженоста на бугарското општество за тоа што се случува во Скопје треба да има конструктивен и европски карактер.

Автомобил со дипломатски таблички паркиран пред амбасадата на Бугарија во Скопје беше опожарен на 15 јуни. Пожарот набрзо се проширил и на вториот автомобил кој бил паркиран пред него. Осомничен за потпалувањето беше 44-годишен скопјанец, кој доби осум дена притвор.

Случајот предизвика остри реакции во бугарската јавност и од бугарските власти и политички партии. Македонската влада го осуди инцидентот.