Голем број корисници на „Фејсбук“ денеска пријавија проблеми при пристапот до оваа социјална мрежа која прикажува порака дека сметките се „привремено недостапни“
При обид за најава, корисниците добиваат порака: „Профилот е привремено недостапен. Вашата сметка моментално не е достапна поради проблем со страницата. Очекуваме проблемот наскоро да биде решен. Обидете се повторно за неколку минути.“
Според платформата за следење прекини „Даундетектор“ (Downdetector), првите проблеми биле регистрирани околу 3:25 часот по источноамериканско време, по што илјадници корисници пријавиле прекини во САД. Според оваа платформа, која ги следи прекините во работата на интернет-услугите забележан е нагол пораст на пријавите од корисниците, а на официјалната страница за статус е потврдено дека има дефект во функционирањето на „Фејсбук“.
Најголем дел од пријавите, околу 32 проценти, се однесуваат на проблеми со самата веб-страница, 26 проценти се поврзани со најавувањето на профилите, а 22 проценти се однесуваат на проблеми со почетната страница и прегледот на содржините.
Корисниците за овие проблеми масовно известуваат и преку социјалната мрежа „Икс“, каде што објавуваат скриншотови од пораката за грешка со ознаката „#FacebookDown“.
Проблеми се забележани и на Инстаграм, социјална мрежа која исто така е во сопственост на компанијата Мета.


