Поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, би се активирал политички повторно доколку се создаде голем опозициски фронт.
„Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате или ако е тоа вашето следно прашање, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа“, рече Пендаровски во емисијата „360 степени“ на МТВ 1.
На забелешката дека „ова звучи зехерашки – би се активирал ако има шанса да го победиме ВМРО“, ексшефот на државата вели дека никој не може да победи сам по владејачката партија и затоа мора да се направи организациска структура и политички субјекти налик на она што во 2016 го направи Зоран Заев предводејќи коалиција од партии – големи, мали, од помали етнички заедници, невладини организации, граѓански здруженија итн.
Пендаровски во интервјуто негираше дека има амбиција да биде лидер на СДСМ, а како спин од ВМРО-ДПМНЕ ги карактеризираше и шпекулациите дека размислува да формира партија.
Пендаровски беше претседател на државата од мај 2019 до мај 2024 година, како кандидат поддржан од СДСМ, ДУИ и останатите коалициски партнери на тогашната влада. Претходно, тој беше Национален координатор за подготовка на Северна Македонија за влез во НАТО, од 2016 до 2017 беше пратеник во Собранието. Во неговата кариера, краток период беше и претседател на Државната изборна комисија, а работеше и како советник во претседателските кабинети на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.


