Почина легендарната пејачка Бони Тајлер

Објавено:

Легендарната велшка пејачка, Бони Тајлер, почина на 75-годишна возраст.

Таа беше светски познат изведувач, а меѓу нејзините најпознати хитови се: „Total Eclipse of the Heart“, „Holding Out for a Hero“ и „It’s a Heartache“.

Веста за нејзината смрт е објавена на официјалните веб-платформи на пејачката.

„Семејството и тимот на Бони со скршено срце објавуваат дека Бони неочекувано почина синоќа во болница во Португалија како резултат на болеста од која се лекуваше“, пишува во дел од пораката.

Во мај, пејачката, родена во јужен Велс, беше ставена во индуцирана кома по итна операција на цревата во Португалија.

Минатиот месец, од нејзиниот тим објавија дека Бони е надвор од кома, но и понатаму е „многу болна и е на интензивна нега“.

Семеен пријател на Бони, актер, музичар и радиоводител Овен Мани, во изјава за Би-би-си вели дека пејачката „беше една од оние дами кои едноставно го сакаа животот“ и дека тој е „во неверица“ од веста за нејзината смрт.

Бони Тајлер, родена како Гејнор Хокинс, израсната во Нит, Велс, се појави на музичката сцена во 1977 година откако беше откриена од „ловецот на таленти“ Роџер Бел. Тогаш го издаде првиот сингл „Lost in France“, а истата година следуваше и кантри-поп баладата „It’s a Heartache“ која ја вивна на врвот на британските и американските топ листи.

Нејзиниот најголем хит, рок-песната „Total Eclipse of the Heart“, пристигна шест години подоцна, во 1983 година. Беше на врвот на листите од двете страни на Атлантикот.

Со тоа, таа стана првата Велшанка што издала хит број еден во САД.

Тајлер го претставуваше Обединетото Кралство и на Евровизија во 2013 година, каде се пласираше на 19-то место.

Од британското кралство во 2023-та беше наградена и со орден за заслуги во музиката.

Таа беше активна на сцената до крајот на својот живот. Лани, во соработка со Дејвид Гета и Хајпатон, издаде клупска верзија на нејзиниот хит „Together“, а годинава оригиналната верзија на песната надмина една милијарда преслушувања на Spotify.

Настапи на фестивали и концерти имаше закажано и за летово, како и за во декември 2026.