Штипската клиничка болница и скопската градска болница „8-ми Септември “ се дел од најоштетените државни објекти од невремето кое ја зафати државата. Поради паднатиот лим од кровната конструкција на штипската клиничка болница, дел од пациентите од одделението за ортопедија се преместени на другите одделенија во болницата.
Заменик директорка на штипската клиничка болница Билјана Ефтимова вели дека одделенијата ортопедија и единицата за интензивна нега сега функционираат со намален интензитет. Таа посочи деја пациентите ги преместиле во делот каде што е суво, каде што нема протекување.
„Значи, во текот на ноќта ќе видиме, ќе ги префрлиме дел од пациентите на други одделенија со цел да бидат заштитени, да не настанат некои накнадни дождови со кои би се пореметило функционирањето. Некаде околу 15 до 20 пациенти се, бидејќи тоа не е целиот дел од ортопедското одделение и операционата сала на ортопедија. Но, бидејќи имаме и други операциони сали, ќе се адаптира, ќе се прилагодиме за да ги пружиме навреме нашите медицински услуги за населението овде“, изјави Ефтимова.
Проблеми со кровната конструкција пријави и директорот на скопската градска болница „8-ми септември“ д-р Синиша Стојаноски.
„Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција“, изјави д-р Стојаноски.
Исто така, пријавено е дека дел од кровната конструкција на ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје е откорната од силниот ветер. Во меѓувреме во периодот од 17:00 до 21:00 часот, на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, биле примени повеќе од 8300 повици, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Скопје попладнево го зафати силно невреме од кое последици се паднати дрвја, оштетени автомобили, однесени покриви на згради и на училишта.


