Девет повредени лица во невремето во Скопје се примени во Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, а уште шестмина граѓани побарале помош во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски”.
Д-р Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ, за МИА информира дека две лица се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Клиниката за неврохирургија, а друга имала скршена рака.
Граѓаните кои побарале помош во Клиниката „Св. Наум Охридски” имале посекотини и набиеници од паднати гранки или лим од покрив и се третирани амбулантски, изјави директорот, д-р Небојша Настов.
Тројца од повредените по амбулантскиот преглед, се пуштени дома, а тројца се во фаза на испитување.
Скопје попладнево го зафати силно невреме од кое последици се паднати дрвја, оштетени автомобили, однесени кровови на згради и на училишта.


