Повеќе од 130 закони донесени во рамки на Охридскиот договор, половина од нив – за правична застапеност

Објавено:

Денеска (13 август) се одбележувааат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, политички договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во Македонија во 2001 година меѓу македонските безбедносни сили и тогашна Ослободителна народна армија на Албанците (ОНА).

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Мицкоски: Минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме

Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите, напиша премиерот Христијан Мицкоски по повод годишнината од Охридскиот договор.

„Повеќе од две децении подоцна, пред нас стојат нови предизвици. Денешните генерации очекуваат функционални институции, еднаквост пред законите, квалитетно образование, подобро здравство, повисок животен стандард, економски развој и можности својата иднина да ја градат дома. Тоа се прашањата околу кои треба да се обединуваме, без оглед на етничката, верската или политичката припадност. Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме“, напиша Мицкоски на мрежата Фејсбук.

Според него, „време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме“.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека Охридскиот рамковен договор ги постави мирот, дијалогот и еднаквоста во основата на градењето одржливо општество.

„По четвртина век, прашањето што мора да си го поставиме повеќе не е што сме постигнале, туку што останува на идните генерации, државата што ја сакаме. Затоа, нека оваа годишнина биде заедничка обврска: денешната политичка генерација и институции го зачувуваат мирот преку дијалог, ја зајакнуваат еднаквоста и го градат соживотот преку дела. Нека секоја идна генерација го наследи Охридскиот договор како пресвртница во историјата и како жива вредност на државата. Додека граѓаните се тие што имаат сила да го живеат секој ден“, пишува во соопштението од Гаши.

Во Владата се одржува свечена седница, на која ќе се обратат првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Попладнево, пак, е најавена панел – дискусија за наследството, предизвиците и иднината на овој договор.

Рамковниот договор беше потпишан пред 25 години, на 13 август во Скопје, по завршување на преговорите кои се одвиваа во Охрид, со што официјално се стави крај на конфликтот од 2001 година.

Договорот беше потпишан во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери.

Во основните принципи на документот се наведува дека целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.

Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.