Претседателката на Индија ни подари биста на Ганди

Објавено:

Индија ѝ подари на Македонија биста на Махатма Ганди, што ќе биде откриена во Музејот на Град Скопје од страна македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Индија, Друпади Мурму, која е во прва официјална посета на Македонија.

Махатма Ганди е борец за мир, лидер и духовен водач, кој се смета за татко на нацијата во Индија.

„Ова е посебен подарок од народот на Индија за народот на Македонија, кој ги открива заедничките принципи и вредности на двете нации“, рече индиската претседателка на заедничката прес-конференција со Сиљановска – Давкова. 

Двете претседателки се согласиле дека Македонија и Индија имаат потенцијал да продлабочат меѓусебната политичка и економска соработка, особено во трговијата, инвестициите, образованието, науката, туризмот и дигиталната трансформација.

Претседателката Мурму најави поголема соработка и во вештачката интелигенција, фармацијата, земјоделството, преработката на храна и аудиовизуелните уметности, со цел зголемување на билатералната трговија. Таа ги претстави и трите глобални иницијативи на Индија, поврзани со соларната енергија, биогоривата и промоцијата на традиционалната медицина, на кои Македонија најави дека ќе им се приклучи.

Претседателката Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Република Индија, која престојува во дводневна официјална посета на земјата. Таа пристигна во Скопје синоќа, а на скопскиот аеродром ја пречека шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.

Претседателката на Република Индија положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Таа ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе има обраќање пред пратениците во македонскиот парламент.

Попладне ќе се одржи македонско-индиски бизнис-форум, на кој ќе бидат презентирани инвестициските можности на земјата.

На вториот ден од официјалната посета претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе се обратат на церемонија на откривање биста на Махатма Ганди. По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.

Последни објави