Рокас: Владеењето на правото останува бескомпромисен услов

Објавено:

„Не треба да имате никакво сомневање дека Европската Комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на седницата на Националниот совет за евроинтеграција, посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција.

Рокас посочи дека процесот на проширување на ЕУ е активен и дека Европската комисија е целосно посветена на интеграцијата на земјите кандидати. Тој оцени дека Северна Македонија покажала капацитет за спроведување реформи, особено преку работата на Собранието и донесувањето закони. Сепак, нагласи дека клучен услов за отворање на преговарачките поглавја останува исполнувањето на критериумите во областа на владеењето на правото

Според Рокас, земјата мора да продолжи со зајакнување на независноста на судството, професионализација на јавната администрација и пополнување на клучните позиции во правосудството.

„Независното и ефикасно судство, ослободено од политички влијанија, е основа за успешна евроинтеграција“, порача евроамбасадорот.

Европската комисија во најновиот извештај за владеењето на правото во Северна Македонија предупредува на сериозни слабости во судството и борбата против корупцијата. Се признава напредок во изборните процеси и усвојувањето на нови стратегии, но главните критики се насочени кон политичкото влијание и недоволната имплементација на антикорупциските мерки.

Во него се наведува дека довербата во независноста на судството е драматично ниска, односно дека само 21% од граѓаните и 19% од сопствениците на компаниите сметаат дека судовите и судиите работат независно. Ова е пад во споредба со 2025 година, кога такво мислење имале 28% од населението и 26% од стопанството. Главните причини за недовербата се политичкиот притисок и влијанието на економски интереси, кои граѓаните и компаниите ги гледаат како клучни пречки за вистинска независност на правосудството.

Тој додаде дека политичките партии покажуваат конструктивност, но дека за напредок е потребна заедничка политичка волја и посветена работа. Според него, покрај законодавните реформи, неопходно е да се обезбеди професионална и ефикасна јавна администрација, како и да се пополнат испразнетите позиции во правосудството.

Рокас порача дека е особено важно судството да биде кадровски и финансиски зајакнато и ослободено од политички влијанија, бидејќи ефикасното и независно правосудство претставува клучен предуслов за успешна евроинтеграција.

Сали: Членството во ЕУ останува стратешки приоритет за земјата

Министерот за евроиинтеграции Беким Сали смета дека европската интеграција треба да се одвива паралелно преку спроведување на реформите, особено во владеењето на правото, но и преку користење на можностите за постепено приближување до европскиот пазар пред полноправното членство. Сали оцени дека има одреден напредок во борбата против корупцијата, но дека се потребни конкретни резултати, особено во случаите на корупција на високо ниво.

„Граѓаните очекуваат одговорност и законите да важат еднакво за сите“, рече Сали.

Филипче: Македонија заостанува зад другите земји кандидати

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека запирањето на европскиот пат би имало сериозни последици за државата. Тој оцени дека проширувањето на ЕУ добива нова динамика, но дека Северна Македонија заостанува зад другите кандидати.Филипче порача дека нема алтернатива на членството во ЕУ, бидејќи процесот на пристапување носи институционални реформи, економски развој и пристап до европски фондови.

Тој упати критики кон Владата, посочувајќи на проблеми со владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на судството и медиумските слободи.

„Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар“, изјави Филипче.

Според него, Северна Македонија е единствената земја кандидат која сè уште нема отворено преговарачки поглавја, додека други земји од регионот и пошироко продолжуваат со забрзана интеграција.

Во Собранието се одржа 9. седница на Националниот совет за евроинтеграции, на која беа претставени клучните аспекти на процесот на европска интеграција, со акцент на проширувањето на Европската Унија, реформските процеси и обврските на државата на патот кон членството.

Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија од декември 2005 година, откако Европскиот совет ѝ додели кандидатски статус. Иако Европската комисија од 2009 година препорачуваше отворање на преговорите, процесот беше блокиран поради спорот со Грција за името на државата. По Преспанскиот договор во 2018 година и промената на името во Република Северна Македонија, блокадата беше надмината, а во март 2020 година ЕУ донесе одлука за отворање пристапни преговори.

Нови пречки се појавија со Бугарија, која во 2020 година го блокираше почетокот на преговорите поради спорови околу историјата, јазикот и идентитетот. Софија бараше спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година и уставно признавање на Бугарите во Северна Македонија. Со францускиот предлог во јули 2022 година беше постигнат компромис, по што се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, но отворањето на поглавјата останува условено со исполнувањето на преземените обврски, односно вметнување на Бугарите во Преамбулата на македонскиот устав.