САД и Саудиска Арабија потпишаа нуклеарен договор

Објавено:

САД и Саудиска Арабија потпишаа значаен договор кој наводно ќе му овозможи на кралството од Персискиот Залив да развива цивилна нуклеарна програма.

Американското Министерство за енергетика го опишува документот како „договор за мирна нуклеарна соработка“ кој ќе обезбеди „одличен пристап за американските компании во саудиската програма за нуклеарна енергија“.

Според дел од експертите, тоа би можело да го доведе во прашање ризикот од идна нуклеарна пролиферација во веќе нестабилен регион.

Американското Министерство за енергетика наведе дека заедно со договорот за соработка, бил потпишан и „билатерален договор за заштитни мерки“.

„Заедно, овие два договора ја поставуваат правната основа за децениско партнерство вредно повеќе милијарди долари кое унапредува неколку приоритетни економски и стратешки цели, вклучително и неширењето на нуклеарното оружје“, се вели во соопштението.

Соопштение објави и саудиската влада наведувајќи дека договорот „претставува проширување на постојната соработка меѓу двете земји во енергетскиот сектор“ и истакна дека доаѓа откако саудискиот лидер го посети Вашингтон минатиот ноември.

Иако не се објавени детали за нуклеарниот договор, претходните медиумски извештаи сугерираа дека, по спроведувањето на заедничка студија со САД, на Саудиска Арабија може да ѝ биде дозволено да збогатува ураниум на своја територија за да произведува гориво во објект за збогатување изграден во САД, наместо да се потпира на увезено гориво.

Ова би можело да вреди милијарди долари за САД, чии компании би можеле да бидат вклучени во изградба на објектот за производство на збогатен ураниум, кој може да се користи како гориво за електрани, но и за производство на нуклеарни бомби.

„Бидете сигурни, овие договори ги одржуваат највисоките стандарди за нуклеарна безбедност и неширење, потпирајќи се на најдобрата нуклеарна технологија и научници во светот, дизајнирани токму тука во Соединетите Американски Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.

Постигнувањето на договорот доаѓа во време кога ескалираат борбите меѓу САД и Иран. На територијата на Саудиска Арабија, долгогодишен сојузник на САД, се наоѓаат неколку американски бази, кои беа цел на ирански напади. Исто така, договорот доаѓа два дена откако сојузниците на Иран во Јемен – Хутите, објавија „морска блокада“ против кралството.