Трамп: САД ќе уништи мост или електрана за секој ирански напад во Ормутски Проток

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата предупреди дека САД ќе уништуваат по еден мост или електрана секогаш кога Иран ќе пука врз брод во Ормушкиот Проток. Најновата закана на Трамп за напади врз цивилна инфраструктура доаѓа во време кога непопуларната војна ескалира без јасен излез, создавајќи ризик за дополнителни глобални економски нарушувања и предизвикувајќи раст на цените на горивата пред претстојните меѓуизбори во САД оваа есен.

Двете страни цврсто остануваат на своите позиции во спорот околу протокот, кој е клучен морски пат за глобалната енергија што останува главно затворен поради иранските напади, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

САД извршија уште еден бран воздушни напади врз Иран во ноќта кон средата, а противвоздушната одбрана отвори оган над главниот град Техеран. Иран лансираше ракетен напад врз јордански град на самата граница со Израел, а предупредувања беа издадени и во Бахреин и Саудиска Арабија.

Бидејќи преговорите се речиси во прекин, двете страни се обидуваат да стекнат предност со таргетирање цивилна инфраструктура. Иран одговори на американските напади со гаѓање енергетски објекти и постројки за десалинизација кои обезбедуваат вода за пиење во сушните соседни земји од Персискиот Залив.

Меѓународното право генерално ги забранува ваквите напади, освен ако инфраструктурата не се користи во воени цели. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во вторникот ги осуди овие напади нарекувајќи ги „неприфатливи“.

Цената на војната расте

Затворањето на протокот, низ кој во мирнодопски услови минуваше една петтина од светската трговија со нафта и гас, ја потресе светската економија со последици кои се чувствуваат далеку надвор од Блискиот Исток. Новата закана од бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, дека ќе ги напаѓаат саудиските бродови во Црвеното Море, става уште една клучна трговска точка под ризик.