Почна демонтажата и изнесувањето на цевководите од малите хидроцентрали „Пена 84“ и „Пена 85“ во долината на Лешница, што е значаен чекор кон обновување на природниот екосистем, соопшти Националниот парк(НП) „Шар Планина“.
Од НП „Шар Планина“ посочуваат дека токму на Светскиот ден на заштитата на природата сакаат да испратат порака дека природата се штити со конкретни дела.
„На денешниот Светски ден на заштитата на природата сакаме со јавноста да споделиме една вест што претставува значаен чекор за иднината на Шар Планина. Во координација со надлежните државни институции, во тек е сложена операција за демонтажа и изнесување на цевководите од малите хидроцентрали Пена 84 и Пена 85 во долината на Лешница. Многу планинари, љубители на природата и посетители кои во изминатите три недели ја посетија Лешница беа сведоци дека на терен се работи. Денес, на овој симболичен ден, сакаме официјално да споделиме дека започна првиот чекор кон враќање на природата во нејзината првобитна состојба“, соопштија од НП „Шар Планина“.
Според нив, ова е резултат на долг и посветен институционален процес, во кој ЈУ Национален парк Шар Планина доследно ги застапуваше стручните, законските и природозаштитните аргументи пред сите надлежни институции, со цел – заштита на долината на Лешница и зачувување на природните вредности на Шар Планина.
„Нашите ставови отсекогаш беа јасни и засновани на законската рамка и на стручните документи. Планот за управување со Национален парк Шар Планина јасно утврдува дека изградба на нови хидроелектрани не е дозволена во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат една од најзначајните закани за природните вредности и за речните екосистеми. Долината на Лешница е подрачје со исклучителни природни вредности. Истовремено, Националниот парк побара враќање на реката Пена во нејзината природна состојба, што подразбира целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем“ соопштија од Националниот парк.
Цевките се носат до паркингот на ски центарот „Попова Шапка“, од каде ќе бидат преземени за понатамошни постапки.
Еколошки организации со години ја критикуваа праксата на државата да издава концесии за мали хидроцентрали на планинските реки, со аргумент дека нема логика да се уништуваат природата и јавното добро за приватни интереси на концесионерите.



