„Сијарто летал со шест пати поскапи летови од редовните“ – наследничката го гони кривично

Објавено:

Унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан поднесе кривична пријава против нејзиниот претходник во Министерството, Петер Сијарто, и неговиот тим бидејќи, тврди, редовно се возеле со скапи авионски летови наместо со редовните авиокомпании во изминатите четири години.

Во видеообраќање објавено денеска на Фејсбук, шефицата на дипломатијата вели оти нема индикации дека при патните аранжмани на Сијарто и неговиот тим биле земени предвид опциите да се заштедат пари.

Таа рече дека документите и истрагата покажуваат дека овие патувања, помеѓу 2022 и 2026 година, чинеле во просек речиси шест пати повеќе, или четири милијарди форинти (12,6 милиони долари) повеќе, отколку што би чинеле обичните билети за бизнис класа.

„Откриените факти затоа покренуваат сомневања за небрежно управување со средствата што предизвикало значителна загуба, а исто така го покренуваат прашањето за одговорноста на поранешното раководство на Министерството“, вели министерката.

Сијарто беше министер во владата на Виктор Орбан кој падна од власт по 16 години. На изборите во април 2026 беше поразен од Петар Маѓар, кој стана нов премиер во чија влада Анита Орбан стана нова министерка за надворешни работи.

Од тимот на поранешниот премиер ги отфрлаат обвинувањата. Во писмен одговор до агенцијата „Ројтерс“, портпаролот на Виктор Орбан, Берталан Хаваси, вели дека летовите што ги имал Сијарто биле целосно во согласност со релевантната владина регулатива.

„Во последните години, официјалните патувања за Министерството за надворешни работи и трговија беа организирани со примерна ефикасност“, вели Хаваси, додавајќи дека затоа Сијарто заслужува пофалби, а не политички мотивирани напади.

Извештајот од унгарското МНР за авионските летови е само последниот од низата наоди на новата влада која порача дека ќе се бори за искоренување на корупцијата. На почетокот на септември беше и оти во Унгарија е отворена кривична истрага за злоупотреби во државната Ексимбанка, а еден од четирите случаи што се истражуваат е и кредитот од една милијарда евра што го зема владата на премиерот Христијан Мицкоски, кој зделката ја договори со експремиерот Виктор Орбан.

Последни објави