Дипломатски успех и потврда за довербата што меѓународната заедница ја има во државата, е оценката на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова за изборот на Македонија за членка на Економски и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК). Таа во објава на социјалните мрежи истакна дека овој резултат е плод на долгогодишни дипломатски напори за обезбедување меѓународна поддршка.
„Особено ме радува што бројните дипломатски активности и средби со странски државници и партнери дадоа резултат и што поддршката што ни беше ветена се преточи во конкретен успех“, наведе претседателката.
Според неа, изборот во едно од најважните тела на Обединети нации доаѓа во период на значајни глобални предизвици и промени во меѓународниот поредок, што дополнително ја нагласува неговата важност. Македонија вчера беше избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за мандатниот период 2027–2029 година.
Изборот на земјата за членка значи дека во период од три години Македонија ќе има право да учествува во одлучувањето и координацијата на политиките поврзани со одржливиот развој, економската соработка, социјалните политики и спроведувањето на 2030 Агенда за одржлив развој. За дипломатите, членството во ЕКОСОК често се смета за значајна меѓународна позиција, иако не носи иста политичка тежина како членството во Советот за безбедност на Обединетите нации.
Како дел од ова тело Македонија ќе има можност да ги застапува своите приоритети во областите како одржлив развој, образование, здравство и социјална политика. Членството овозможува и поактивно вклучување во координацијата на работата на бројни агенции и програми на ОН.
ЕКОСОК брои вкупно 54 земји членки и секоја година се избираат по 18 нови членки, со што се обновува една третина од составот на Советот. Членството само по себе не носи автоматски пристап до нови фондови или финансиски средства, туку овозможува поголема видливост на државните приоритети пред агенциите и програмите на ОН, полесно градење партнерства со донатори и меѓународни организации, подобро позиционирање при застапување на национални проекти поврзани со одржлив развој, социјални политики, образование, здравство и животна средина.


