Целосно ќе се дигитализира системот преку кој државата ги издава и контролира лиценците за јавните институции. Ова ќе го овозможи системот на СМАРТ лиценци, преку кој, како што рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, лесно и брзо ќе се проверува валидноста на издадените лиценци. Системот содржи електронско барање, електронски регистар, QR проверка, транспарентност и проверлива трага.
„Наместо документ што се носи, фотокопира, препраќа и тешко се проверува се воведува модел во кој постои еден официјален електронски запис поврзан со код и електронски регистра што ја покажува точната моментална состојба“, информираше Андоновски денеска (7 јуни) на прес конференција.
Тој објасни дека со едно скенирање, може да се провери официјалниот статус на лиценцата, дали е важечка, суспендирана, укината или во постапка. Тоа значи дека граѓанин, компанија, инспектор или друга институција не проверува стара копија или документ, туку ја проверува актуелната состојба.
Ресорниот министер посочи дека досега немало начин да се провери валидноста, што сега ќе биде овозможено преку жив регистар до кој се пристапува со скенирање на код од лиценцата.
Првиот пилот е имплементиран само во Министерството за дигитална трансформација, но според Андоновски, моделот може да се употреби и во други институции.
„Креиравме асистент кој е целосно дигитален и со скенирање на код ве носи до жив систем каде се наоѓа валиден електронски документ. Во напредна фаза на тестирање што очекуваме да заврши до крајот на јуни сме со лиценците на Министерство за економија и труд за ноќен клуб, дискотека, кабаре, бар и хотел“, изјави Андоновски.
Објаснувајќи како всушност ќе функционира системот, тој рече дека дел од документите ќе бидат влечени по автоматизам. Дел пак, се’ уште се закачуваат како електронски документи и се валидираат во процесот, се користи високо ниво електронска идентификација со електронски потпис, а барањето се обработува во системот на Министерството.
„Имаме база од 340 илјади корисници и целта е таа да се искористи и врзе со другите институции“, додаде Андоновски.
Сепак, тој очекува дека процесот нема да оди брзо во сите институции одеднаш, но како што рече, државата издава голем број лиценци, а „системот е лесно прилагодлив и може да се употреби од лиценци за транспорт, логистика, осигурување, хотели, правосудство, животна средина, урбанизам, дозволи за градење“.


