Македонските граѓани би можеле да зборуваат поевтино со земјите од Европската Унија најрано од јануари 2027 година, но и тоа е оптимистичко сценарио, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во однос на најавите за укинување на роамингот на ЕУ со Западен Балкан. Тој додаде дека таквата одлука не зависи од нас, туку од ЕУ.
„Едно оптимистичко сценарио е дека до крајот на годината би ја имале оваа можност за нашите граѓани. Тоа сепак зависи од Европската Унија, рокот не зависи од нас, но би значело оптимистичко сценарио – роаминг од 1 јануари 2027 година“, изјави Андоновски кој присуствуваше на настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.
Иницијативата е на Европската Унија, а нејзина цел е намалување на трошоците за роаминг за граѓаните од Западен Балкан коишто ќе патуваат во Европската Унија и за граѓаните на Европската Унија коишто патуваат во земјите од Западен Балкан.
„И покрај дезинформациите дека сме биле исклучени, направивме сериозни напори и државата ги донесе, ја донесе потребната регулатива за да ги примени четирите директиви и регулативи на ЕУ и да овозможи бесплатен роаминг за граѓаните од Македонија кога ќе патуваат во Европската Унија. Законите, последната измена на Законот за електронски комуникации е испратена на Европската комисија на мислење, утврдена е на Влада и испратена. По позитивното мислење од страна на ЕУ, ќе биде донесена и во Собранието“, рече Андоновски.
Во меѓувреме ЕУ започнува преговарачки процес, а преговарачите од наша страна веќе се избрани.
Овој процес ќе содржи одобрување на законот, преговори, а потоа потпишување на договор налик на договорот за стабилизација и асоцијација од 2000-тата година, односно ЕУ со секоја држава поединечно од Западен Балкан, за постигнување на овој ефект.
Министерот уверува дека сме подготвени кон тоа да влеземе веднаш, но роковите ќе зависат од Европската Унија.
Оваа програма на Европската комисија е регулатива на ЕУ што дозволува мобилни телефони да се користат во други земји-членки по исти цени како и во вашата матична земја.
Тоа значи дека кога се користи мобилен телефон во зоната на ЕУ, нема дополнителни трошоци за роаминг за повици, СМС-пораки или користење на интернет.
ЕУ го воведе „Роаминг како дома“ во јуни 2017 година. Се однесува на земјите-членки на ЕУ и земјите од Европската економска зона. Во јануари оваа година, регулативата беше проширена на Украина и Молдавија.


