Собранието утре ќе избира уште еден министер

Објавено:

Пратениците во македонското Собрание утре треба да изберат уште еден министер во владата предводена од Христијан Мицкоски.

Во прашање е претседателот на Демократската партија на Турците, Зулфикар Зејнула, со кого ВМРО-ДПМНЕ неодамна потпиша коалициски договор.

Зејнула е предложен за министер без ресор. Тој во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од 2021 до 2024 година беше заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Претходно, бил советник во Општина Гостивар, а работел и во правниот сектор во партијата, како и во фирмата „Хабиб транс“ ДОО.

Зејнула е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност во Скопје, а покрај мајчиниот јазик – турскиот, во биографијата навел дека зборува и македонски, албански, германски и српски јазик.

Назначувањето на министер од оваа партија беше најавено уште на 10 јули, кога Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ потпиша коалициски договор со Зејнула.

Оваа партија во парламентот е застапена со еден пратеник, Бејџан Иљас.

Изборот на уште еден министер, доаѓа по реконструкцијата на Владата што беше направена на 13 јули. Беа избрани осум министри и тоа: Сашо Клековски кој стана нов министер за здравство; универзитетскиот професор Јетон Шасивари како министер за правда; Борче Серафимовски за министер за земјоделство; Ѓоко Велковски за министер за социјална политика, демографија и млади; Седат Сулејмани за министер за култура и туризам; Ерџан Демир за министер без ресор; Агон Ферати за министер за односи меѓу заедниците и Иван Стоилковиќ кој од ресорот односи меѓу заедниците се пресели во Министерството за локална самоуправа.