Пред студентите на маса е нов предлог кој пристигна од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, а тоа е воведување на систем по кој ќе добиваат ваучери само за храна. До овој предлог дојде по денешната средба на претставниците на студентите со властите на која, како што велат, биле отворени клучните прашања и предизвици со кои се соочуваат идните академски граѓани.
Еден од клучните прашања за кои разговарале е барањето на студентите за зголемување на субвенционираниот студентски оброк.
Барање за зголемување на оброкот и собраниска расправа
За барањето на студентите субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари се зборуваше во Собранието на расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година.
Студентските претставници ги презентираа своите аргументи за потребата од поголема финансиска поддршка со оглед на зголемените трошоци за живот.
„Поентата е што побрзо да се зголеми тој студентски оброк. Така да, независно од систематските промени – дали ќе функционираме со картички како досега или ќе го менуваме системот – ние бараме во најбрз можен рок да се зголеми оброкот. Колку ќе се зголеми? Таков одговор не добивме“, изјави една од претставничките на студентите пред Владата.
Како одговор на овие барања, министерката Јаневска рече дека како власт бараат одржливи решенија и најави интензивни разговори за надминување на предизвиците.
„Ние имаме договор со претходното раководство дека ќе го прошириме опсегот, а нема да ја покачиме сумата. Тоа им беше во тој момент поважно. Опсегот е проширен така како што сме се договориле. Сега тие имаат ново барање. По новото барање сум апсолутно сигурна дека ќе најдеме некакво решение и мислам дека сме блиску до изнаоѓање на решението“, изјави таа.
Студентите излегоа со став дека за нив не им треба нов систем, туку дека остануваат на ставот за зголемување на студентскиот оброк.
„Јас не велам дека тоа е лошо што е проширен опсегот, тоа е супер, но со проширен опсег треба да се покачи и студентскиот субвенциониран оброк,“ додаде студентката.
Студентите тврдат дека сегашниот износ на паричниот надоместок од 140 денари три години не е усогласен со стапката на инфлација, но министерката не се согласува со тоа, објаснувајќи дека покачувањето од 20 денари ја завршило работата.
„Согласно со законските измени од 2023 година, субвенционираниот студентски оброк беше зголемен од 120 на 140 денари. Тогаш. Износот е покачен повеќе отколку што беше инфлациската стапка. Покачувањето од 20 денари ја покрива 2025 година, односно и дел од 2026 година, до нивното ново барање“, додаде Јаневска.
Предлог за нов ваучерски систем по словенечки модел
Според објаснувањето на министерката на студентите им е предложено воведување на нов ваучерски систем по примерот на Словенија. Овие ваучери би се користеле исклучително кај овластени продавници и производители за храна како што се сендвичари, пекари и ресторани.
Целта на владиниот предлог е средствата од субвенцијата да се трошат наменски, односно исклучиво за исхрана на студентите, а не за други ненаменски потреби како цигари или алкохол, рече министерката.
Законот за субвенциониран студентски оброк беше донесен во февруари 2020 година како резултат на долгогодишни студентски иницијативи и протести. Со него се воспостави систем за финансиска поддршка од државата со цел да им се помогне на студентите за купување приготвена храна. Кога законот стапи во сила во 2020 година, субвенцијата изнесуваше 120 денари дневно по студент, средства кои се исплаќаа на наменска картичка за купување храна кај договорни партнери (маркети, пекари, ресторани).


