Тошковски: Ќе следуваат законски измени за рестрикции во управувањето со електричен тротинет

Објавено:

Во иднина ќе следуваат законски измени, кои ќе бидат порестриктивни во однос на управувањето со електричен тротинет, најави денеска (15 мај) министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Сепак, тој рече дека во моментов не може да каже дали ќе има ограничување на возраста до 16 или до 18 години за оние кои ќе можат да управуваат електричен тротинет.

Тошовски посочи дека за ова прашање разговарал со повеќе европски амбасадори.

„Но, во последниот период таму е констатиран пораст на смртни случаи како последица на несоодветно управување со електрични тротинети, нивно несоодветно вклучување во сообраќајот и нивно несоодветно користење, особено од страна на малолетни лица“, посочи министерот.

Тој додаде дека во моментов се прави компаративна анализа и се разгледуваат искуствата на другите држави. Според него, Грција е една од државите што во последниот период имплементирала порадикални мерки во оваа насока.

„Не можам сега да навлегувам во детали, дали ќе станува збор за ограничување до 18 или до 16 години, дали ќе одиме со забрани или со порегулиран систем, но во секој случај, апсолутно е јасно дека на ова поле ни се потребни законски измени, сè со цел зголемување на безбедноста поврзана со овој тип превозни средства“, најави тој.

За тоа дали во текот на летниот период ќе се зголеми и контролата врз лицата кои управуваат со мотор, имајќи предвид дека овие превозни средства и повеќе се користат во тој период, Тошковски истакна дека вистинските моторџии ги почитуваат сообраќајните правила.

-Но, за сите оние што „глумат“ моторџии, возат без кацига, со далеку поголема брзина, возат на едно тркало низ град, поминуваат на црвено светло и мислат дека „Сејф сити“ нема да ги детектира сакам јавно да порачам дека Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе биде особено фокусирано токму на нив, особено во градските средини. Ќе останат и без мотори и без можност да „глумат“ моторџии. За нив се подготвува посебен план за постапување и тие ќе бидат главен таргет, затоа што претставуваат огромен ризик во сообраќајот – нагласи министерот.

Пред неколку дена, експерти по сообраќај на дебата во Битола апелираа на законски измени и едукација не само на децата, туку и на родителите за за правилно и безбедно возење елетричен тротинет.

„Во нашата држава парадокс е фактот дека електричните тротинети може да се движат со брзина не поголема од 25 километри на час, а ние како држава дозволуваме увоз на електрични тротинети кои може да развијат и до 100 километри на час и тоа е недозволиво бидејќи тие тротинети ги забележуваме во сообраќајот. Потребно е да се подигне возрасната граница за тоа кој сѐ може да користи тротинет и со каква моќност“, истакна проф. д-р Зоран Јошевски, од Сообраќајниот отсек на Техничкиот факултет во Битола.

Од Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата соопштија дека лани вкупниот број на сообраќајни незгоди на територијата на државата каде учесници се тротинети бил 147. Во првото тромесечие од 2026 година се случиле 12 сообраќајни незгоди со учесници на електрични тротинети.