Трамп нареди да се потопи секој брод кој поставува мини во Ормускиот теснец

Објавено:

Американскиот претседател Доналс Трамп им се закани со уништување на иранските бродови за кои тврди дека поставуваат мини во Ормускиот теснец. Тој изјави дека наредил на американската морнарица да „пукај и да го уништи секој брод“ што поставува мини, додека Пентагон соопшти дека американските сили заплениле уште еден танкер со иранска нафта, пренесе Њујорк тајмс.

Еден ден претходно, иранските сили тврдеа дека заплениле два товарни брода во близина на теснецот, кој е клучен коридор за транспорт на нафта и гас. Иран и САД се обидуваат да покажат контрола врз поморскиот сообраќај за време на примирјето, иако нема јасни знаци дека преговорите за мир ќе продолжат, пренесоа Ројтерс и ДПА.

Во тој правец се и изјавите од официјален Техеран, кој вели дека нема да има отворање на Ормускиот теснец во услови кога „САД и Израел го кршат примирјето“

Тензиите во Ормускиот теснец предизвикаа нови стравувања на енергетските пазари, а цената на нафтата повторно надмина 103 долари за барел.

Американскиот претседател вчера, 22 април, на неодредено време го продолжи примирјето со Иран непосредно пред неговото истекување, а истовремено ја задржа и поморската блокада на Ормускиот теснец, откако пропаднаа планираните мировни разговори меѓу двете страни.

Во меѓувреме, како што јавуваат израелските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, САД го информирале Израел дека неодамна продолженото примирје со Иран би можело да истече веќе во недела.

Според извештаите, американски претставници му пренеле на Тел Авив дека рокот кој го поставил претседателот Доналд Трамп за постигнување договор со Техеран истекува за неколку дена, пренесоа агенциите, повикувајќи се на објави од израелската јавна телевизија КАН.