Иран: Нема отворање на Ормускиот теснец, САД го кршат примирјето

Објавено:

Главниот ирански преговарач со САД, Мохамад Багер Галибаф, порача дека отворањето на Ормускиот теснец не е можно во моменталните услови и додаде дека причината се „очигледни прекршувања на примирјето“ од страна на САД и Израел, вклучително и американската поморска блокада на иранските пристаништа, која ја оцени како „земање на глобалната економија за заложник“, пренесоа светските новински агенции.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека Техеран останува отворен за преговори, но нагласи дека блокадите и заканите се главна пречка за вистински дијалог. Во меѓувреме, најавените мировни разговори меѓу САД и Иран сè уште не се реализирани, а американската делегација предводена од Џеј Ди Венс не отпатува на состанокот.

Од Белата куќа соопштија дека претседателот Доналд Трамп е „задоволен“ од тековната поморска блокада на Иран и дека одлуката за крај на конфликтот ќе ја донесе кога ќе оцени дека е во интерес на САД.

Американскиот претседател вчера, 22 април, на неодредено време го продолжи примирјето со Иран непосредно пред неговото истекување, а истовремено ја задржа и поморската блокада на Ормускиот теснец, откако пропаднаа планираните мировни разговори меѓу двете страни.

Во меѓувреме, како што јавуваат израелските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, САД го информирале Израел дека неодамна продолженото примирје со Иран би можело да истече веќе во недела.

Според извештаите, американски претставници му пренеле на Тел Авив дека рокот кој го поставил претседателот Доналд Трамп за постигнување договор со Техеран истекува за неколку дена, пренесоа агенциите, повикувајќи се на објави од израелската јавна телевизија КАН.