Тројцата осомничени за загадувањето на водата во Гостивар изведени пред судија на претходна постапка

Објавено:

Тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар денеска беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар, отккако Обвинителството отвори истрага против нив за кривичното дело „тешки дела против животната средина и природата“ предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење.

Пред судија на претходна постапка беа изведени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути.

Според Обвинителството, осомничените како соизвршители на 25 јуни наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора на системот за водоснабдување со цел да го тестираат притисокот на водата. При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив се вршело пренесување вода со штетни материи во системот за вода за пиење.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од површинскиот канал е многу загадена и неупотреблива за каква било намена, а загадување било констатирано и во примероците од каптираниот извор и од водоводната мрежа, поради што Обвинителството оцени дека постои основано сомнение за сторено кривично дело.

За мерките што ќе им бидат определени на осомничените ќе одлучи судија на претходна постапка. Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека истрагата продолжува со преземање дополнителни истражни дејства.

На 19 јули во Гостивар беше прогласена епидемија поради редовен раст на нови случаи на дневна основа со стомачни тегоби. За пет дена, повеќе од 3.100 граѓани побарале помош од лекар, информира Министерството за здравство.

Првите заболени со симптоми се јавиле на 14 јули.

Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за употреба водата од градскиот водовод во Гостивар додека сите надлежни институции не завршат со проверките и со неопходните анализи, кои треба да ги утврдат точните причини за епидемијата.