Украинската премиерка Јулија Свириденко денеска поднесе оставка, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски, најави дополнителни промени во украинската влада, јави Ројтерс.
Во соопштението преку социјалните мрежи, Свириденко наведе дека е „горда што ја имала честа да ја води владата во текот на еден од најтешките периоди во современата украинска историја“. Таа исто така рече дека разговарала за следните чекори со Зеленски, но не изнесе дополнителни информации.
„Останувам подготвена да ѝ служам на украинската држава и да ја спроведам секоја задача чија цел е зајакнување на украинската позиција, одбрана на нашите национални интереси и приближување на праведниот мир“, напиша таа.
Поранешната министерка за економија Свириденко (39) беше именувана за премиерка во јули 2025 година, откако одигра главна улога во обезбедувањето на договорот за минерали меѓу Украина и САД, како важен начин за поврзување на американските интереси со украинската безбедност.
Зеленски ја објави нејзината оставка преку социјалните мрежи, наведувајќи дека Украина „ја менува својата политичка стратегија“.
Тој исто така рече дека ѝ понудил можност да раководи со нова важна ера во украинските односи со клучен национален партнер.
„Благодарен сум ѝ на Јулија за нејзината јасна, стабилна и ефикасна работа како премиер, за нејзините години продуктивна служба во украинскиот тим и ѝ понудив можност да води нова и важна област на односи со клучен партнер“, напиша Зеленски на мрежата Икс.
Тој додаде и дека ќе има промени во врвот на украинските правосудни органи.
Во текот на изминатата година, Украина беше потресена од најголемиот корупциски скандал, што доведе до оставка на влијателниот шеф на претседателската администрација.
Таканаречениот случај „Мида“, за кој властите велат дека се работи за шема со мито од 100 милиони долари во државната нуклеарна компанија „Енергоатом“, опфати личности блиски до Зеленски и фрли сенка врз владата во време кога Киев сака да им покаже на западните сојузници дека може да се справи со корупцијата на високо ниво.
Властите го обвинија Тимур Миндич, поранешен деловен партнер на Зеленски, дека ја предводел шемата со мито, а исто така го именуваа и поранешниот началник на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, како осомничен. И двајцата ги негираа обвинувањата.
Според украинските закони, оставката на премиерот треба да биде одобрена од парламентот и повлекува оставка на целата влада.


