Во деновите од викендот продолжија протестите во шпанскиот главен град Мадрид, на кои десетици илјади демонстранти бараат посилна заштита на станарите, мерки против измамите и забрана за принудно иселување станари кога не постои можност за алтернативно сместување.
Протестите беа поттикнати откако во средата 87-годишната Марија дел Кармен Абаскал била истерана од станот во Мадрид во кој живеела седум децении. Таа била иселена од станот на носилка и пренесена со амбулантно возило.
„Ситуацијата со домувањето е неодржлива. Сите сме на улиците затоа што ни е доста“, изјави 27-годишната актерка Наталија Наваро, која беше меѓу демонстрантите кои ноќта ја поминаа на плоштадот.
„Бранот на огорченост и гнев веќе не може да се запре“, изјави Алисија дел Рио, портпаролка на Синдикатот на станари во Мадрид што ги предводи протестите.
Таткото на Марија Абаскал првпат го изнајмил станот во 1956 година. Таа продолжила да биде станарка по смртта на нејзините родители.
Зградата го сменила сопственикот во 2018 година, а на Абаскал ѝ била понудена можност да го купи станот, но таа не можела да си го дозволи тоа.
Инвестицискиот фонд „Урбагестијон“ (Urbagestion) што подоцна го купил имотот, ѝ ја зголемил месечната кирија од 500 на 2.650 евра.
Се очекува шпанската Влада утре да објави нови мерки за справување со станбената криза.
На собир на владејачката Социјалистичка партија во Мадрид, шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека владата работи на донесување кралска уредба за домувањето и го повика парламентот да ја усвои.
Растечките цени и недостигот од станови го прават пазарот на недвижности недостапен за многу Шпанци, и покрај тоа што се работи за четвртата по големина економија во Европа.


