Во Загреб штрајк во јавниот превоз и комуналната хигиена

Објавено:

Во главниот град на Хрватска, Загреб, изутринава започна штрајк на работниците во јавниот превоз и во комуналните дејности, откако синдикатите и управите не успеале да постигнат договор за новите колективни договори и зголемување на платите.

Штрајкот може да трае повеќе денови, предупредија синдикалните организации во овие компании.

Тие ги известиле граѓаните да очекуваат значително подолго време на патување и, каде што е можно, да користат алтернативен превоз.

Покрај јавниот превоз, штрајкот ги опфаќа и комуналните услуги, а особено собирањето отпад и одржувањето на јавните и зелените површини.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, на вчерашната прес-конференција оцени дека синдикатите очигледно сакаат да организираат штрајк по секоја цена.

Синдикалните претставници го отфрлија тоа тврдење и го повикаа Томашевиќ да разговара со синдикатите, со цел да се најде решение и да се избегне штрајкот.