Згрижувачка на деца осомничена за незаконско посвојување бебе кое сиромашни родители го дале за 500 евра

Објавено:

Шест лица организирале и реализирале незаконско посвојување дете, поради што е поднесена кривична пријава против нив, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Пријава е поднесена против Ф.А.(63), Ѓ.К.(57), И.Ш.(35), Џ.Ш.(35), сите од Скопје, како и против С.Ј.(35) од Куманово и И.А.(38) од Тетово поради постоење основи на сомнение за дело „трговија со дете“, сторено во 2024 и 2025 година.

Според МВР, Ф.А. и Ѓ.К. го извршиле делото по пат на незаконско посвојување на новородено бебе.

„Ф.А. користејќи ја својата положба на згрижувач на деца, воспоставила контакти со заинтересирани брачни парови. Додека, Ѓ.К., по претходен нивен договор, а поради избегнување на процедурата за посвојување на деца согласно Законот за семејство, ја користела нивната бременост, тешка материјална и социјална состојба. Имено, поради тоа што не можеле да се грижат за нивните новородени деца, ги доведувала родителите во заблуда и ги убедувала да реализираат за одреден паричен надомест и други бенефиции незаконско посвојување на нивното новородено бебе“, соопшти полицијата.

На тој начин успеале да ја убедат С.Ј., која живеела во вонбрачна заедница со нејзиниот невенчан сопруг И.А., за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи да реализираат незаконско посвојување на нивното новородено бебе. По отпуст од болница, С.Ј. и нејзиното бебе биле прифатени од Ф.А. и превезени до нивниот дом каде пристигнале пријавените И.Ш. и Џ.Ш. и во својство на „посвоители“ го земале бебето и го однеле во својот дом. Во врска со наведеното, на 17.10.2025 бил склучен договор за заем на 500 евра помеѓу Џ.Ш. како заемодавач и И.А. како заемопримач, кои истиот ден му биле исплатени на И.А. како надомест за незаконито посвојување на нивното бебе.

Од судија на претходна постапка на лицата им е определена мерка домашен притвор, велат од МВР.