Поранешен претседател на банкротираната финансиска компанија кој се соочува со обвиненија за финансиски криминал користел вештачка интелигенција при подготвување на својата одбрана во суд. Тоа пак го искористиле обвинителите кои дошле до тие документи и ги употребиле како доказ во истражната постапка. Судот во Њујорк пресуди дека овие материјали не се заштитени со доверливиот однос „адвокат-клиент“, бидејќи комуникацијата со вештачка интелигенција не претставува правен однос со адвокат.
Бидејќи луѓето сè повеќе се обраќаат кон вештачката интелигенција за совет, американските адвокати ги советуваат своите клиенти да не се однесуваат кон чет-ботовите со вештачка интелигенција како кон доверливи лица кога нивната слобода или правна одговорност се доведени во прашање.
Како што објави Ројтерс, овие предупредувања станаа поитни откако федерален судија во Њујорк пресуди, дека поранешниот извршен директор на банкротирана компанија за финансиски услуги не може да ги заштити своите разговори со чет-ботовите од обвинителите кои покренуваат обвиненија за измама со хартии од вредност против него.
По пресудата, адвокатите советуваат дека разговорите со чет-ботовите на вештачката интелигенција би можеле да бидат побарани од обвинителите во кривични предмети или од противниците во граѓански случаи.
Според американскиот закон, разговорите на луѓето со нивните адвокати речиси секогаш се сметаат за доверливи. Но, чет-ботовите со вештачка интелигенција не се адвокати, а адвокатите им советуваат на клиентите да преземат чекори што би можеле да ја одржат нивната комуникација со алатките за вештачка интелигенција поприватна.
Во електронските пораки до клиентите и советите објавени на нивните веб-страници, повеќе од десетина големи американски адвокатски фирми понудија совети за луѓето и компаниите како да ги намалат шансите разговорите со вештачка интелигенција да завршат на суд.
Што го вклучи алармот?
Судскиот процес против Брадли Хепнер, поранешен претседател на банкротираната финансиска компанија GWG Holdings и основач на Beneficient, претставува еден од првите случаи во кои вештачката интелигенција игра значајна улога во доказната постапка.
Хепнер се соочува со обвиненија за измама со хартии од вредност и злоупотреба на средства вредни над 150 милиони долари, поврзани со колапсот на компанијата GWG, кој доведе до загуби од над една милијарда долари за инвеститорите.
Во текот на истрагата, обвинителите дојдоа до десетици документи создадени преку ВИ-алатката Клод (Claude), кои Хепнер ги користел при подготовката на стратегија за својата одбрана.

Оваа судска одлука има пошироко значење: таа отвора можност разговорите со вештачката интелигенција да бидат користени како доказ на суд, што може директно да влијае врз исходот на постапките. Судот нагласува дека корисниците не треба да имаат разумно очекување на приватност при користење вакви платформи, особено кога податоците може да се споделуваат со трети страни.
Правните експерти предупредуваат дека случајот на Хепнер може да постави преседан за идните судски процеси, каде употребата на вештачка интелигенција нема само да помага во подготовката на одбраната, туку и да стане клучен доказ против обвинетите.
Некои фирми изјавија дека правното истражување со вештачка интелигенција е поверојатно да биде заштитено со привилигираниот однос „адвокат-клиент“ само кога се спроведува по налог на адвокат.
Според договорите објавени на веб-страницата на американската влада во кој имала увид агенцијата Ројтерс, информациите за употребата на вештачка интелигенција стануваат вообичаени и во договорите што ги користат адвокатските фирми со клиенти.
Адвокатска канцеларија која често застапува високопрофилни случаи соопшти дека откривањето на привилегирани комуникации на платформа за вештачка интелигенција од трета страна може да претставува откажување од привилегијата на односот „адвокат-клиент“.
Адвокатските куќи во САД очекуваат дека повеќе пресуди на крајот ќе разјаснат кога разговорите со вештачка интелигенција можат да се користат како доказ.
Дотогаш, велат дека сè уште важи старото правило: „Не разговарајте за вашиот случај со никого освен со вашиот адвокат – вклучително и со вештачката интелигенција“.


