Специјалниот суд за Косово во Хаг денеска ќе ја објави првостепената пресуда за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Хашим Тачи и другите обвинети за воени злосторства во Косово и во Албанија во текот на 1998 и 1999 година.
Заедно со поранешниот косовски претседател Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети за злосторства врз Срби, Роми и Албанци во повеќе од 40 притворски центри на ОВК во Косово и Албанија. Сите тие биле водечки членови на Генералштабот на ОВК.
Обвинителите, на крајот на судењето во февруари, побараа од судскиот совет да ги прогласи сите обвинети за виновни и да ги осуди на по 45 години затвор.
Обвинетите тврдеа дека обвинителите не успеале да ја докажат нивната вина и побараа од судот да ги ослободи од обвиненијата.
Судењето заврши на 18 февруари, а советот двапати го продолжуваше рокот за изрекување на пресудата поради сложеноста и обемот на постапката.
Според обвинението, Тачи, Весели, Селими и Красниќи сносат индивидуална кривична одговорност за злосторствата извршени од припадници на ОВК за време на немеѓународен оружен конфликт, како дел од „распространети и систематски напади врз лица осомничени дека се против ОВК“.
Сите обвинети се изјасниле дека не се виновни. Тие се наоѓаат во притвор во Хаг од нивното апсење во Косово на 4 и 5 ноември 2020 година.
Судењето на Тачи и на другите обвинети почна пред судот во Хаг на 3 април 2023 година, а обвинителството го заврши изнесувањето на доказите на 15 април минатата година.
Во судницата во Хаг беа сослушани 125 сведоци на обвинителството и беа прочитани десетици сведочења во пишана форма. Доказниот материјал на обвинителството вклучува и 3.000 документи на албански, српски и англиски јазик.


