Денеска во Задар ќе биде одржана Конференција на началниците на Генералштабовите на армиите на земјите членки на САД- Јадранската повелба (А-5).
Овој собир, 29-ти по ред, годинава се одржува на тема „Остварување на регионалните придобивки“. Од Генералштабот на АРМ информираат дека на конференцијата ќе учествува и Началникот на Генералштабот на Армијата генерал- мајор Сашко Лафчиски.
Во соопштението се вели дека Конференцијата претставува можност за размена на мислења и искуства во насока на унапредување на регионалната одбранбена соработка, како и за разгледување на можностите за натамошно зајакнување на безбедносното партнерство меѓу земјите членки на А-5.
САД-Јадранската повелба (А-5) е регионална иницијатива за одбранбена и безбедносна соработка, воспоставена во 2003 година под покровителство на Соединетите Американски Држави. Покрај земјите основачи: Република Северна Македонија, Албанија и Хрватска, од 2008 година членки се и Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека Словенија, Србија и Косово имаат статус на земји набљудувачи.


