Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја отвори денешната меѓународна конференција „Скопска иницијатива“, организирана од СДСМ и „Корчуланска висока политичка школа“.
Во воведното обраќање Филипче порача дека регионот се соочува со сериозен предизвик од авторитарни, националистички и коруптивни структури, на кои прогресивните сили мора да одговорат со единство, соработка и заедничка акција.
„Скопската иницијатива е акција за зајакнување на регионалната соработка меѓу социјалдемократските и прогресивните политички партии во нашиот регион“, рече Филипче.
Тој оцени дека Западен Балкан се наоѓа во клучен момент кога по долгогодишни застои повторно постои реална можност за членство во Европската Унија.
„Нашата генерација има единствена можност да го заврши овој процес. Имаме можност не само да исполниме една стратешка цел, туку и да го оствариме долгогодишниот сон на цела една генерација“, рече Филипче.
Во своето обраќање тој оцени дека европската перспектива на регионот е загрозена од организиран отпор кон реформите и демократијата.
„Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција. Домашниот национализам, популизмот, организираниот криминал и екстремизмот сè повеќе дејствуваат заеднички против европските вредности и реформските процеси. Особено загрижува блиската соработка помеѓу организираниот криминал и националистичко-популистичките структури. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција“, рече претседателот на СДСМ.
Тој посочи на лицемерие на оние кои јавно настапуваат како противници на европската интеграција, додека својата лична и деловна иднина ја врзуваат токму за земјите членки на Европската Унија.
„Овие самопрогласени патриоти и бранители на националниот идентитет најдобро ја откриваат сопствената хипокризија преку тоа каде ја обезбедуваат својата лична и деловна иднина – најчесто токму во Европската Унија – додека истовремено шират дезинформации за иднината на Европа меѓу своите граѓани“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди и на подемот на антидемократски движења кои, како што рече, се насочени кон поткопување на темелните прогресивни и антифашистички вредности на современите општества.
Филипче порача дека единствениот одговор на овие предизвици е создавање силна прогресивна коалиција на регионално ниво.


