Германците во просек одат 22 дена на боледување: Кој најмногу „прегорува“?

Објавено:

Работниците во Германија во просек зеле 22 дена отсуство поради болест во 2024 година, што е меѓу највисокиот просек на меѓународно ниво.

Податоците што ги објавија од здружението на здравствени осигурителни компании БКК, покажуваат дека просекот нагло се зголеми во 2022 година кога беше воведено електронско пријавување на боледувања, што го подобри евидентирањето на краткорочните отсуства, пишува Ројтерс.

За да го намали просекот на боледувања, коалицијата предводена од канцеларот Фридрих Мерц планира да ја укине опцијата боледувањата да се отвораат телефонски, а на работодавците да им овозможи да бараат вработените да достават лекарско уверение уште од првиот ден на отсуство. Ова се само дел од плановите со кои германските власти планираат да ја зголемат продуктивноста додека од друга страна населението старее.

Но, истражувачите што ги проучуваат боледувањата, менталното здравје и пазарот на трудот, укажуваат дека проблемите се подлабоки и со најголеми проблеми се соочуваат професиите од медицинската дејност и образованието.

Во овие дејност има хроничен недостаток на персонал, ниски плати, лоши можности за напредок во кариерата и високи емоционални барања. Сето тоа, се нагласува, влијае лошо на менталното здравје во овие професии.

Според податоците на осигурителните компании, во 2024 година жените вработени во здравството и образованието просечно зеле по 27 дена отсуство од работа, а наставниците по 24. За споредба, вработените во финансии на боледување оделе просечно по 18 дена, а тие во комуникацискиот сектор по 16.

„Не мора да биде во прашање целосна депресија. Може да биде и состојба на исцрпеност или прегорување на работа како резултат на проблематични услови за работа“, вели Јоханес Зигрист, професор од Универзитетот во Диселдорф.

Менталното здравје е причина за боледување во 4,8% од случаите. Процентот е низок, но кога е во прашање вакво боледување тоа во просек трае 28 дена, посочуваат од најголемата осигурителна здравствена компанија во Германија, АОК.