Водата од градскиот водовод во Крушево не се препорачува за пиење бидејќи во неа се пронајдени бактерии, објави Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Прилеп.
При тестирање денеска, 23 јули, констатирано е отсуство на резидуален хлор и бактерии од цревно потекло.
„На жителите на град Крушево им се препорачува за пиење да користат пакувана вода, додека водата од Градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови можат да ја користат само после превривање од минимум 10 минути“, препорачаа од ЦЈЗ – Прилеп.
Ваквата препорака, нагласуваат од Центарот, важи сè додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата.
Покрај од градскиот водовод, бактерии има и во водата на чешмите покрај патот кај бензинската пумпа и Св. Петка.
Претходно, опозициската СДСМ повикувајќи се на документи од Институтот за јавно здравје, кои ги објави на прес-конференција, соопшти и оти водата во Болницата за белодробни заболувања во Лешок е неисправна.
„Станува збор за извештај за тестирање на безбедноста на водата од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датумот на завршување на испитувањето е 13 мај. Во примерокот од водата се утврдени 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. Никој не реагирал. Ова се официјални документи од Центарот за јавно здравје. Станува збор за примерок од чешма во болница каде што се лекуваат луѓе. Во извештајот пишува дека водата не одговара на квалитетот потребен за пиење“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Вчера (22 јули), пак, локалните власти во Валандово објавија дека не е безбедна водата ниту во градскиот водовод во овој град. Причината, како што соопшти тамошното Јавно претпријатие „Комунален сервис“, е присуство на арсен.
Препораката и таму беше водата да не се користи за пиење туку исклучиво како техничка вода.
Серијата случаи со небезбедна вода за пиење од градските водоводи започна со скандалот во Гостивар, каде веќе е прогласена и епидемија, а над 3.000 граѓани побараа лекарска помош.
За гостиварскиот случај се води и кривична истрага, уапсена е директорката на локалното комунално претпријатие, како и двајца соработници.
Таму беше откриено дека преку пумпи, веројатно за да се зголеми притисокот, во главниот цевковод три недели била внесувана вода со 48 пати повеќе бактерии од дозволеното.
Беше утврдено дека во водата има колиформни бактерии кои најчесто живеат во цревата на луѓето и топлокрвните животни, и нивни претставник е Ешерихиа коли (Escherichia coli). Тоа значи дека во водата влегла нечистотија, најчесто поврзана со фекалии или отпадна вода, какви што се и сомнежите на истражните органи.


