Евроинтеграциите на земјава, Преспанскиот договор и односот со Бугарија се неисцрпна тема за дневно-политички прозивки меѓу власта и опозицијата.
Со денови ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат за овие прашања, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е последната инспирација на социјалдемократите за да адресираат обвинувања на адреса на владејачката партија.
Прво Христијан Мицкоски „призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата, велат од СДСМ додавајќи дека потоа и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски кажал оти „НАТО е феноменална работа“.
„Сега и претседателката Гордана Сиљановска призна дека прашањето за македонскиот јазик, култура и национален идентитет е апсолвирано. Сите тројца, еден по еден, ја потврдија вистината што СДСМ ја зборуваше години наназад. Сега е ред да се извинат на граѓаните на Македонија“, велат од опозициската партија.
Претседателката вчера, зборувајќи за демаршот кон Бугарија поради употребата на терминот „северномакедонски“ од бугарската министерка за надворешни работи Весислава Петрова-Чамова, потенцираше дека и Преспанскиот договор предвидува употреба на терминот „македонски“.
„’Македонски‘ си останува кога зборуваме за македонски народ, идентитет … Си останува и за граѓанин, што значи дека треба да се следи оваа линија, затоа што за нас понекогаш ваквата употреба е погрешна. Не се забранува, ниту, може да се забрани употребата на придавката ’македонски‘. Впрочем тоа е е дел и од самиот договор“, рече Сиљановска-Давкова.
Сепак, таа рече дека не го сменила ставот против Преспанскиот договор туку сака да им укаже на останатите да ја почитуваат реалноста кога настапуваат пред институциите во ЕУ. Петрова-Чамова го употреби терминот „северномакедонски“ во изјава за медиумите во Брисел додека присуствуваше Советот за надворешни работи на Европската Унија.
Паралелно од СДСМ бараат и да се направат уставните измени. Партискиот лидер Венко Филипче и на прес-конференција вчера посочи дека со ваков чекор ќе се направи „јасна разлика меѓу македонскиот народ и бугарското малцинство“.
„Внесувањето на малцинствата, конкретно бугарското, никако не е ризик за нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно. Бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави, со ова паѓа во вода“, смета Филипче.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува дека сака да дојде на власт со предавства и отстапки за наципналниот идентитет. Владејачката партија му замерува и што не ја осудил изјавата на бугарската шефица на дипломатијата за употребата на „северномакедонски“.
„Филипче, кој во поданоста го надмина и Заев и стана пион на Радев, не ни ја осуди ваквата изјава на бугарската министерка, ниту побара друг пат да не се повтори. Но што може да се очекува од Филипче, кој прави стана главен лобист за прифаќање на бугарскиот ултиматум, и кој одбива секоја подадена рака за обединување и консензус за националните интереси, како што е и реформската агенда“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Преспанскиот договор со кој државата го смени уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија беше постигнат со Грција во 2018 година од владите предводени од Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Според него, кога станува збор за државата, нејзините органи, јавни и приватни институции финансирани од државата се користи терминот „од Северна Македонија“ или „од Република Северна Македонија“. Придавката „македонски“, пак, треба да се користи кога се поврзува со етничкиот и културниот идентитет на народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и други атрибути. Како на пример, македонски идентитет, македонски јазик, македонски народ, македонска историја, македонски планини итн.
Една година претходно, во 2017 државата постигна Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.
Меѓутоа, односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.


