Администрацијата на Трамп објави дополнителни 1,8 милијарди долари за хуманитарна помош на Обединетите нации. Средствата ќе бидат наменети за животоспасувачка помош за жртви на природни катастрофи, глад и „луѓе кои навистина се во критична потреба“, иако САД во целина ја намалуваат странската помош – објави новинската агенција АП.
Највисокиот претставник на Стејт департментот задолжен за хуманитарна помош изјави дека новите 1,8 милијарди долари хуманитарна помош што САД ќе ги обезбедат преку Обединетите нации ќе бидат користени во согласност со надворешнополитичките интереси на администрацијата на Трамп, пишува агенцијата Ројтерс.
Новото ветување за финансиска помош доаѓа покрај веќе најавените 2 милијарди долари што САД ги објавија во декември, во рамки на нов механизам осмислен за поефикасно финансирање и распределување на помошта, како и за зголемување на одговорноста, во услови кога САД и другите развиени земји значително ги намалуваат трошоците за помош.
Џереми Луин, поранешен соработник во Одделот за владина ефикасност на Илон Маск, кој во моментов ги извршува должностите на потсекретар за странска помош, хуманитарни прашања и верски слободи, изјави дека 92% од американската помош обезбедена преку тој механизам била насочена кон „високо приоритетни“ земји, за кои Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) утврдила дека имаат најголема потреба.
Тој додаде дека американската помош била „фокусирана на местата каде што имаме надворешнополитички интерес и каде што таа се совпаѓа со интересите на претседателот“, мислејќи на американскиот претседател Доналд Трамп – пренесе Ројтерс.
Агенцијата АП пишува дека новата донација ја зголемува вкупната американска поддршка за хуманитарните програми на Обединетите нации на 3,8 милијарди долари во 21 земја.
Од Стејт департментот наведоа дека првичната донација обезбедила „животоспасувачка помош за 21,1 милион луѓе побрзо, поефикасно и со поголем фокус кон оние што се соочуваат со најтешки хуманитарни потреби“ за помалку од четири месеци.


