Комисијата за избор на судија во ЕСЧП: Нема да ги коментираме кандидатите, но неприфатливи се навредливи квалификации

Објавено:

Комисијата за избор на кандидат за судија од Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) соопшти дека има принципиелен став да не ги коментира изјавите и ставовите на кандидатите кои учествувале на огласот и во постапката за избор.

Сепак, од Комисијата посочуваат неколку факти во однос на критиките упатени од еден од кандидатите. Оттаму велат дека не е невообичаено Експертскиот панел во постапката за избор на судии да има забелешки на предложените кандидати. Во својата досегашна практика, панелот враќал и цели листи, но и поединечни кандидати.

Од Комисијата додаваат дека, и покрај принципиелниот став да не ги коментираат кандидатите, го сметаат за неприфатливо незадоволен кандидат работата на Комисијата да ја квалификува на недостоен начин.

„Доколку и Комисијата одговори на истиот начин, одговорот би бил дека тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на Државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на Комисијата“, се наведува во реакцијата.

Постапката за избор на македонски судија во ЕСЧП, која започна пред околу година и половина, повторно е вратена чекор назад. Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа оценил дека предложената кандидатка Ана Дангова Хуг не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур. По добиените забелешки, македонската Комисија предложила нов кандидат. Претседателот на Уставниот суд и претседател на Комисијата, Дарко Костадиновски за телевизија Телма потврди дека на местото на Дангова Хуг е предложена адвокатката Јелена Ристиќ.

Првичната Комисија ги предложи судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски. Пред листата да биде испратена до Советот на Европа, била формирана нова Комисија, предводена од претседателот на Уставниот суд. Во ноември минатата година новата Комисија ги предложи Јордан Апостолски, адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски. Во мај годинава повторно дошло до промена на листата. Апостолски бил заменет со Ана Дангова Хуг, која станала третопредложена кандидатка.

Досега тројца македонски судии ја извршувале функцијата судија во ЕСЧП. Се работи за судиите Маргарита Цаца Николовска, Мирјана Лазарова Трајковска и актуелниот Јован Илиевски чиј мандат требаше да заврши на почетокот на годината, но тој останува на функцијата до изборот на негов наследник.