Ле Риголер: Преговарачката рамка не се менува, гаранции се невозможни

Објавено:

Преговарачката рамка со Европската Унија (ЕУ) за Северна Македонија не може да се смени, а не може да се дадат ниту гаранции. Но, таа дава предвидливост. Ова се дел од пораките што ги испраќа амбасадорот на Франција во Скопје, Кристоф ле Риголер во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Сме го кажале тоа, сме го повториле и ќе повториме дека преговарачката рамка нема да се промени затоа што ја имаме, таа е прифатена од сите и денес во тие рамки евроинтегративниот процес на Северна Македонија треба да се остварува, а тој минува низ усвојувањето на уставните рамки“, вели францускиот амбасадор.

Тој ја потенцира и важноста на дијалогот меѓу Скопје и Софија, но е дециден дека идејата за него „не е да се отвори билатерален дијалог за да се преговара одново компромисот од 2022 година или нешто друго“.

Северна Македонија во 2022 година ја одржа првата меѓувладина конференција во рамки на преговорите со ЕУ. Меѓутоа, не отвори ниту еден кластер бидејќи за тоа е потребно да направи уставни измени со кои бугарската заедница ќе ја вметне во Преамбулата од Уставот.

Ваквиот компромис беше постигнат откако Република Бугарија во 2020 година стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје со ЕУ поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство. Компромисот беше постигнат со посредство за европските партнери, меѓу кои и Франција, поради што тој во јавноста е познат и како „француски предлог“.

Во тоа време, на власт во Северна Македонија беше влада предводена од СДСМ и ДУИ. ВО 2024 година, власта ја презеде ВМРО-ДПМНЕ откако победи на редовните парламентарни избори. Ставот на новата Владата, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски, е дека нема уставни измени без гаранции дека тоа ќе биде последното непринципиелно условување од бугарска страна.

Ле Риголер, пак, е дециден дека гаранции се невозможни.

„Во врска со гаранциите, познат е процесот на одлучување во рамките на ЕУ, едногласен, односно тоа значи дека 27 треба да бидеме на маса и согласни. Забележувате дека е тоа доста сложено и во овој контекст гаранциите се невозможни. На крајот на патот сепак ќе има договор за членство којшто ќе треба да го ратификуваат 27 или 28 или 29 држави членки, не знам и тоа не е едноставно“, вели францускиот амбасадор.

Според него, наместо гаранции, многу поважен е концептот на предвидливост за што вели „имаме тенденција да сметаме дека преговарачката рамка од 2022-та ја даваа таа предвидливост создавајќи или дефинирајќи кои би биле етапите коишто треба да се спроведат“.

Меѓу нив, нагласува, првата е уставните измени.

„Сметаме дека лесно би се спровеле уставните амандмани и нашиот влог е следниот. Усвојувајќи ги уставните измени, Северна Македонија ќе воспостави динамика. Динамика на својот сопствен пат“, вели Ле Риголер.

Додека Франција испраќа пораки, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашање на 29 март – дента кога беше објавено и интервјуто на амбасадорот, порача дека неговата Влада нема да прифати уставни измени „под услови кои директно го засегаат македонскиот идентитет, без јасна предвидливост и конечен исход на процесот“.

„Ние можеме да влеземе во авантура. Ние не го игнорираме слонот, слонот е во собата, го донесоа овие претходниве, но без да имаме јасен крај, без да знаеме што добива македонската заедница во Бугарија, без да имаме јасни заклучоци од страна на Европскиот Совет, ние немаме намера да влегуваме во каква било авантура која нас ќе нè одведе повторно во некое друго политичко мочуриште“, изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека од друга страна, како приоритет за власта остануваа реформите и кога е во прашања реформската агенда договорена со ЕУ „да бидеме први, вистински фронтранери“.

Опозицијата, пак, постојано упатува критики до власта дека нема напредок ниту во евроинтеграциите, ниту со реформите.

„Жал ми е што имаме влада којашто ништо не прави на таа тема. Сметам дека тоа што сме некако поданички наместени во односите со Србија, Унгарија и практично Русија, не нè води никаде. Оваа стагнација, немањето развој, не му носи добро на никого.“ рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција на 28 март.

Со компромисот од 2022 година, кога Северна Македонија се согласи на вметнување на бугарската и други заедници во Преамбулата на Уставот, покрај постоечките, од друга страна ја задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.